понеделник, 28 октомври 2024
Зоран Дабиќ

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Од дипломатската торба

Закана по мирот или тигар од хартија?

За жал, насловот не се однесува ниту на Русија, ниту на Израел, ниту на Иран, ниту на Кина, ниту на Северна Кореја. Дилемата јавно ја промовираше лидерот на ДУИ, г-нот Али Ахмети, во писмото што вчера како што вели го пратил до поголем број меѓународни претставници во Македонија, шефови на држави, а денеска и до премиерот и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, г-нот Христијан Мицкоски.

Дилемата што ја самиот ја отвори, веројатно не му беше воопшто цел на Ахмети, но нејсе… таков испадна ефектот. Суштината на неговата последна гимнастичка иницијатива лежи во големиот непребол по власта, што ДУИ никако не може да ја залечи во тивки опозициски денови на рекуперација. Како да се оптоварени со комплексот Јехова, кој Јунг го опишува како „неуроза со надуено его“, кога субјектот презентира симптоми на заблуда и величественост и се доживува себе си како Господ, така опозициската ДУИ почна да се однесува како доктор кој е убеден дека судбината на пациентот, односно неговиот живот или смрт, зависат само од неговиот избор и одлука.

Интензитетот со кој Ахмети панично реагира, посакувајќи да се врати на власт, покажува и доза на егзистенционален страв од најавеното јакнење на правната држава која би ја довела во прашање неказнивоста на еден број негови партиски камаради, кои минатите години дебело финансиски си ги обезбедиле своите и животите на своите фамилии до седмо колено.

ДУИ се појави на политичката сцена во 2001 година по вооружената криза во Македонија, како политичко крило на УЧК. УЧК тогаш се претставуваше како тигар кој ќе одгризе дел од Македонија од „омразените Словени“. Таквата радикализација секако имаше за цел окрупнување на нивните редови преку потпалување на локалното албанско население и анимирање на меѓународната заедница. Но, токму меѓународната заедница на која толку се надеваа, веќе после првите коминикеа на УЧК, му ги скрши првите заби на „тигарот“ и го пренасочи од патеката на сецесија во насока на борба за човекови права. Дури и генералниот секретар на НАТО лордот Џорџ Робертсон мораше да ја смени својата првична реторика, со преквалификација на УЧК од терористи во борци за човекови права, за да им даде можност за некаква политичка иднина.

Сепак, и покрај првичното огорчување од ненаоѓање плодна почва во меѓународната заедница за сецесија од Македонија, УЧК, односно неговото политичко крило ДУИ послушно ја смени плочата, наоѓајќи утеха во привилегиите што ги носи власта. Во тоа беа толку вешти, што постапно, а особено во времето на коалицијата со СДСМ целосно ги преземаа работите во свои раце, без желба тоа да се смени кога било во иднината. „Како и до сега“ остана во историјата како еден неславен слоган, од кој нивните тогашни коалициски партнери и денеска се срамат.

Но, политичкиот пејзаж во Македонија полека но сигурно се менува. Најлошата ноќна мора на ДУИ – демократизацијата и поделбата на албанското гласачко тело, како и неможноста повеќе да се манипулира со него со евтина радикализација – се оствари во лицето на движењето Вреди. Надмоќното мнозинство во Собранието на владејачката коалиција и посветеноста на партнерите дава надеж дека унапредувањето на прашањата од Третата кошничка на ОБСЕ ќе продолжи со силни демократски чекори напред, но овој пат без закани за насилство и уцени. Тој механизам на сила и уцени е историски надраснат и како политички модел не смее да се врати и да има иднина во Македонија. А за тоа најмногу треба да се погрижи владеачката коалиција, со силна посветеност за решавање на сите прашања што живот значат, како што се борбата против корупцијата, унапредување на здравството и школството, враќање на заталканото правосудство и борбата за повисок животен стандард, а со тоа и запирање на трендот на заминување од земјата во потрага по подобар живот.

Со институционализацијата на прашањата за правична застапеност преку сеопфатни законски решенија, станува дегутантно плачењето за „губење права“ спротивно на духот на Охридскиот договор. Истиот оној договор за кој ДУИ до неодамна се фалеа дека се заслужни за неговото целосно исполнување и кој денеска е вграден во Уставот на Република Македонија.

Македонија е држава со завидно високо ниво на остварување на човековите права, не само во нашиот регион туку и многу пошироко, што го потврдуваат бројните меѓународни и регионални организации кои се грижат за човековите права. Обидите за создавање лажна слика за обесправеност стануваат сè

повеќе патетични. Демократскиот напредок од кого имаат корист сите граѓани на Македонија ги урива позициите на сејачите на магла и ги враќа во политичка визба сите оние кои сеуште се надеваат дека уште има наивни што ќе поверуваат во повиците за онеправданост, понижување, мајоризација и слично само поради тоа што „нивните“ Албанци не се вклучени во власта.

Самиот да си ги делиш припадниците на својата етничка заедница на „добри“ и на „лоши“ е очаен и политички самоубиствен потег.

Амбасадор Зоран Дабиќ

КОЛУМНИ

Илина Качинске

Вештачка интелигенција и проблемите кои ги обелоденува во образованието

Христијан Илиевски

Македонија и евроинтеграциите: чекајќи го Годо

Филип Клетников

Нe лажете госпоѓо Фон дер Лаен, Македонија не презела обврска за...

Ристо Цицонков

Преселба на мигранти во други земји – експеримент со човечки судбини

Весна Попоска

„Играта на тронови“ во Блискиот Исток

Филип Клетников

Војна против поединецот! Или: Што не научивме од Макс Штирнер

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ