вторник, 12 ноември 2024

Концерт на пијанистите Џорлева и Михајловски во МКЦ во Истанбул

Македонските пијанисти проф. д-р Ангеле Михајловски и проф. д-р Татјана Џорлева денеска во Македонскиот културен центар во Истанбул ќе одржат концерт.

Објавено на

часот

Сподели

Пред истанбулската публика тие ќе понудат разновиден избор на класични композиции, а на програмата се дела од Григ, Јанкоски, Сен-Санс, Леон и Коларовски.

Џорлева е пијанистка која дипломирала пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Стела Слејанска – Стојаноска. Магистерските студии по пијано ги завршува со највисок просек на истиот Факултетот. Како солист реализира бројни концертни настапи, како во земјата, така и на европската сцена. Работи како професор по пијано, камерна музика и методика на наставата по пијано на Факултетот за музичка уметност во Штип. Има изготвено повеќе рецензирани скрипти по методика на наставата по пијано за потребите на студентите, а во тек е изданието на нејзината книга „Пијанизмот во делото ‘Дваесет погледи кон детето Исус’” од Оливие Месиан.

Михајловски е роден 1982 година во Охрид, каде го завршува основното музичко училиште. Средното музичко образование го продолжува во Штип во класата на проф. Јасминка Бикова. Студиите ги продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Стела Слејанска, период во кој се стекнува со огромно пијанистичко искуство, земајќи учество на повеќе државни и меѓународни натпревари каде освојува вредни награди. Од 2007 година е вработен на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде работи како професор по пијано.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ