Спасувачите денеска се борат да стигнат до луѓето затрупани во поплавен тунел во Јужна Кореја по обилните дождови кои предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето.
Јужна Кореја е на врвот на летната сезона на монсуните, а во изминатите четири дена обилните врнежи предизвикаа прелевање на голема брана.
Министерството за Внатрешни работи извести дека загинале 35 лица, пишува Би-би-си, а уште десет се водат како исчезнати, главно затрупани од свлечишта или по паѓање во поплавен резервоар.
Министерството соопшти дека спасувачите сè уште се борат да стигнат до повеќе од десет автомобили заробени во 430-метарскиот подземен тунел во Чеонгџу, провинцијата Северен Чунгчеонг.
Тунелот бил потопен во саботата наутро, откако водата од поплавата навлегла пребрзо и луѓето кои биле внатре не можеле да избегаат.
Министерството соопшти дека девет тела биле извлечени од тунелот, а нуркачите работат деноноќно во потрага по повеќе жртви.