сабота, 30 ноември 2024
Реакција на екс претседателот на Собранието

Вељаноски прашува кој го враќа Собранието 20 години назад

Објавено на

часот

Сподели

„Каде се целиот труд, време и енергија вложени од собраниската служба со цел собраниската веб страница и Е-парламент системот да бидат едни од најдобрите во светот, да бидат пример и да им користат на граѓаните, пратениците и службата. Кој тоа се поигрува со два изградени, имплементирани и функционални системи и зошто“, прашува Вељаноски.

Во реакцијата, Вељаноски прави ретроспектива на воведувањето на е-Парламент системот и вели дека со воведувањето на Е-парламентот, во суштина, целиот законодавен процес во Собранието се направи да се одвива по електронски пат. Во пракса, вели тој, тоа значи дека од влегувањето на законот во парламентот, сите фази во законодавната постапка предвидени со Деловникот, се одвиваат по електронски пат.

„Втора, исто толку значајна димензија, која произлегува од воведувањето на Е-парламентот, е јакнењето на транспарентноста на законодавниот дом. Oсновна алатка за постигнување на оваа цел е собраниската веб-страница која беше поврзана со Е-парламент-системот од каде ги црпи податоците во врска со материјалите од законодавната постапка и која секојдневно, покрај на македонски, се ажурираше на албански, англиски и француски јазик. Со тоа е овозможено на истата, освен дневната агенда, како за пленарни седници, така и за сите собраниски комисии и други работни тела, да може да го најдете и секој закон кој влегува во собраниската процедура, како и сите други документи, акти и извештаи кои се тема на расправа во Собранието. Исто така, идеја беше да можат да се следат сите предложени амандмани од страна на пратениците, расправите преку стенограмите во собраниските комисии, како и заклучоците, па сè до усвојувањето на законот на пленарна седница. Односно, секој заинтересиран да може преку нашата веб-страница да го следи целокупниот законодавен процес. Имавме намера преку собраниската веб-страница секој граѓанин може да се обрати до својот пратеник со свои размислувања и предлози. Воведовме и стриминг преку кој можат во живо да ја следите работата на пленарните седници“, реагира Вељаноски.

Според Вељаноски, факт е дека според истражувањата на јавното мислење, токму интернетот во тој период од работата на Собранието бил во врвот на медиумите преку кои граѓаните добиваа информации за работењето на парламентот.

Потсетувајќи на признанијата од меѓународната заедница за функционирањето на Е-парламентот, Вељаноски жали што наместо да се развива, веб страницата на Собранието целосно се уништува и се заменува со нова која има податоци од 2020 година.

„За жал собраниската страница на мрежата денес е илустрација за неодговорното владење на актуелниве власти. Со вакво неодговорно однесување се губи транспарентноста на Собранието, се губи отчетноста на пратениците пред своите гласачи, се губи најсилната алатка на медиумите за прибирање на многу податоци за работата на Собранието, сега и во минатото, пратениците губат можност за црпење на искуства од меморијата на работа и пракса на Собранието, фрлени се во сенка можностите за проверка на ставовите на партиите и пратениците за значајни теми во сегашноста и минатото, пратениците не можат да црпат искуство од воспоставените практики за работа на Собранието, академската и стручна јавност губи сериозен извор на информации и податоци за своите научни потреби“, заклучува во својата реакција, поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ