Тие ракети се повлечени од употреба во САД и европските земји по усвојувањето на конвенцијата од Осло во 2008 година, која се однесува на забраната за користење на касетните бомби. Меѓутоа, нивните мотори се зачувани.
Американската компанија Боинг и шведската компанија Сааб предложија тие мотори да се искористат за унапредување на бомбите со мал дијаметар. Повеќе земји, вклучувајќи ги САД и Норвешка, имаат такви бомби.
Според податоците од сајтот на американската Канцеларија за оперативни истражувања и евалуација, бомбата се лансира само од авион, по што отвора крила за автономен лет. Покрај тоа, во состојба е да ја менува насоката на движење и да напаѓа мети дури и зад авионот.
Најновата верзија на СДБ е опремена со комбиниран систем за наведување: навигациски систем, кој главно се користи за совладување на подрачје каде е слаб сигналот од сателитите, потоа ГПС, како и со радар со милиметарски бранови, со инфрацрвени и ласерски сензори.
Благодарение на ласерското наведување, бомбата може да погоди подвижни цели, наведува Сааб. Според податоците на Боинг, дострелот на СДБ е 11 километри, а тежината на боевата глава е 93 килограми, што значи дека може да пробие армиран бетон со дебелина од речиси еден метар.
Евтин проектил за ракетни фрлачи
ГЛСДБ, кој се лансира од земја, ги поседува овие карактеристики, но комбинацијата со млазен мотор го зголемува дострелот на оружјето на 150 километри.
Според Сааб, ГЛСДБ исто така може да гаѓа мети со грешка од само еден метар. За лансирање на ГЛСДБ погодни се повеќецевните ракетни фрлачи на системите М270, ХИМАРС и Чунму.
Украина веќе има М270 и ХИМАРС системи. „Поради тоа Украина не треба да обучува персонал и не ѝ е потребна испорака на дополнителни такви системи“, вели за Дојче веле Михајло Самус, украински експерт од Киевскиот центар за проучување на војската.
Напоменува дека ГЛСДБ е евтин проектил за западните ракетни фрлачи. „Впрочем, не треба ништо да се произведува, само треба да се состават два дела – мотор и бомба – и да се подобри системот за наведување. Цената на СДБ е околу 40.000 долари. Моторите ги има на лагер. Од друга страна АТАЦМС ракетите со краток дострел чинат стотици илјади долари“, истакнува Самус.
Како што е наведено на сајтот на Сааб, од 2006 година се произведени околу 20.000 СДБ ракети.
Употребата на ГЛСДБ во борбени услови
ГЛСДБ е нешто ново. Првите тестови Боинг и Сааб ги спроведоа во 2015 година. А Украина е првата земја во која оваа бомба ќе биде користена во борбени услови.
Заменичката министерка за надворешни работи на САД, Викторија Нуланд, потврди во Киев на крајот на јануари дека такви бомби веќе ѝ се испорачуваат на украинската војска на фронтот. Таа кажа дека рускиот претседател Владимир Путин ќе има „изненадувања“ на бојното поле и дека „Украина оваа година ќе постигне некои многу големи успеси“.
Оружените сили на Украина првично очекуваа дека ГЛСДБ ќе ги добијат многу порано, откако САД ги најавија испораките уште во февруари 2023. Планот беше да стигнат во Украина до крајот на 2023.
„Беше потребно доста време да се испорачаат овие бомби. Не е само прашање на пари, туку и времето потребно за создавање капацитети за производство на овие бомби“, објаснува за Дојче веле Бредли Боуман од Фондацијата за одбрана на демократијата во Вашингтон. Покрај тоа, потребно било да се извршат тестирања, кои на крајот биле успешни.
Оружје за напад на скапа опрема
Експертите со кои разговарал Дојче веле се уверени дека ГЛСДБ носи многу предности, бидејќи бомбите имаат двојно поголем дострел од ракетните системи кои во моментов ги има Украина.
Украинската војска есента 2023 година од САД ги доби првите ракети со долг дострел АТАЦМС, кои исто така се испукуваат од ракетни фрлачи М270 и ХИМАРС и имаат дострел до 160 километри. Но, според експертите, Украина добила само мал број такви ракети.
„Другите проектили за повеќецевните ракетни фрлачи кои ги има Украина можат да погодат цели на околу 80 километри. Во реалноста тој дострел е помал, бидејќи системите мора да бидат сместени подалеку од линијата на фронтот поради заканите од руските дронови“, истакнува Самус.
Според него, Украина затоа ќе може да ги користи ГЛСДБ за напад на поодалечени цели. „Ќе го покриеме северен Крим, Херсонската област на левиот брег на Дњепар, целата Запорошка област и цел Донбас. Тоа може да ја смени ситуацијата на фронтот во корист на Украина“, оценува Самус.
Американскиот повеќецевен фрлач М270
Нападите со ГЛСДБ далеку зад линијата на фронтот би можеле да им го отежнат на Русите снабдувањето на трупите, вели Бредли Боуман.
Претпоставувам дека Украинците ќе бидат заинтересирани да гаѓаат командни и контролни пунктови и логистички центри за да ја отежнат командата и контролата на трупите“, напоменува тој.
Истовремено, според Боуман, важни мети се и оклопните транспортери, тенковите и другата воена техника на собирните места.
Украинскиот воен експерт Петро Черник смета дека опремата на Русите ќе биде главната мета на ГЛСДБ. „Треба да се погледне односот на трошоците. Подобро е да се погоди скапа опрема, а такви цели има многу: противвоздушните системи Тор-М2 и С-300, разни оклопни возила, системи за електронско војување, од кои некои чинат и до 200 милиони долари“, вели Черник.
Нема информации колку ракети ГЛСДБ ќе добие Украина. Черник претпоставува дека тоа на почетокот ќе бидат само неколку десетици. „Тоа е мало количество, сè до сто е доволно, но не многу. На пример, само во ноември Русите употребиле околу 1.100 наведувани тешки бомби ФАБ-500 и ФАБ-250“, вели Черник.