Сепак, многу експерти веруваат дека отвореноста и меѓузависноста меѓу земјите ќе продолжат, но сè ќе биде помалку едноставно и поскапо, оценува француската агенција Франс прес во анализата насловена „Ќе ја убие ли Трамп глобализацијата“.
Намалувањето на царините, кое стана еден од темелите на глобализацијата по Втората светска војна, беше зацврстено во 1947 година со воспоставувањето на ГАТТ (Генерален договор за тарифи и трговија) како претходник на Светската трговска организација (СТО), која денес има 166 членки и покрива 98 отсто од светската трговија.
Можностите за дејствување на овој „трговски полицаец“ денес сепак се многу ограничени, додека тарифите растат под влијание на Трамп, пишува АФП.
„Бранот на глобализација што започна пред повеќе од триесет години завршува“, напиша српско-американскиот економист и експерт за нееднаквост Бранко Милановиќ во американското списание Џејкобин на крајот на март.
„Ако глобализацијата ја дефинираме како драстично намалување на економските граници и обединување на размената на стоки, но и услуги, податоци и капитал – тогаш тој циклус е навистина завршен“, потврдува Никола Баверес, адвокат во француската трговска адвокатска канцеларија Огист Дебиси.
Во последниве години, пандемијата на ковид веќе ги изложи екстремните слабости на производствените синџири расфрлани низ светот, а војната во Украина ги покажа ризиците од зависност од енергетски несигурни пријатели, како што е Русија, според француската агенција.
На ова треба да се додаде повеќегодишното слабеење на системот и зајакнувањето на „блоковите“ (американски, кинески, руски, европски – како најголеми) кои се натпреваруваат користејќи цел арсенал средства, од царини, ограничувања за трансфер на технологија, преку финансиски санкции до ограничувања на миграцијата и субвенциите.
„Многу јасното раскинување“ на Трамповата Америка со повоениот пристап дополнително загрижува бидејќи евентуалната ескалација на царините со трговските партнери може да ја загрози иднината на глобалната трговија, вели за АФП Адам Слејтер, економист во британската фирма Оксфорд економикс.
Трговијата со стоки постојано расте во последниве години и достигна речиси 24 трилиони долари во 2023 година, според податоците на СТО, од кои 13 отсто се увоз од САД, а 8,5 отсто извоз.
Како и по ковидот, поверојатно е дека ќе преовлада преместувањето на производството во блиските и „пријателски“ земји, наместо да се врати индустријата во развиените земји, каде што или ќе биде високо роботизирана (и ќе вработува малку луѓе), или ќе биде значително поскапа отколку во земјите со ниски трошоци.
„Во одредени сектори, како што се производството на играчки, текстил и мебел, трошочната предност во корист на земјите во развој е толку голема што дури и високите царини не можат да ги направат САД конкурентни“, објаснува Нил Ширинг, главен економист во лондонската Капитал економикс.
Покрај тоа, огромните трошоци за преместување на производството во САД, како и годините на промислување што се потребни за процесот, ја прават стратегијата на Трамп ризична.
„И покрај самофалењето на Трамп, само дел од индустријата што е преместена во странство има шанси да се врати во САД“, заклучува Ширинг.
Царинската офанзива на Трамп не претставува закана за остатокот од трговските односи, го уверува АФП поранешниот претседател на СТО, Паскал Лами.
„Ако САД се затворат, ќе се отворат други врати“, додаде тој.
Неколку трговски договори неодамна стапија во сила. Јапонија, Јужна Кореја и Кина сакаат да ги забрзаат преговорите за договор за слободна трговија, додека бразилскиот претседател Лула штотуку повика на партнерство меѓу земјите од Меркосур (Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај) и Јапонија.
Кина сака да ја искористи оваа можност и да ја преземе улогата на двигател на глобализацијата од рацете на САД. Кинескиот премиер Ли Чијанг во март изјави дека сака „да се држи до правилната насока на глобализацијата“, и покрај трговската политика што честопати беше критикувана поради субвенциите.
Кина ги има сите економски основи да ја води глобализацијата, изјави за АФП Ли Даокуи, професор на Економското училиште на Универзитетот Цингхуа во Пекинг, заклучува АФП во анализата.