сабота, 5 јули 2025

Американски разузнавачи: Нападите не ја уништија нуклеарната програма на Иран

Нападите на американската војска врз три ирански нуклеарни објекти минатиот викенд не уништија клучни компоненти на нуклеарната програма на земјата и веројатно ја забавија за само неколку месеци, според раната проценка на американската разузнавачка заедница, опишана за Си-ен-ен од четири лица запознаени со документот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Проценката е направена од Разузнавачката агенција на Министерството за одбрана (ДИА) и се базира на проценка на штетата спроведена од Американската централна команда (ЦЕНТКОМ) по нападите, рече еден од изворите.

Анализата е во тек и може да се промени како што ќе пристигнуваат повеќе информации, но првичните наоди се спротивставени на тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој постојано повторува дека нападите „целосно и потполно ги уништија“ иранските објекти за збогатување ураниум. Министерот за одбрана Пит Хегсет исто така во неделата изјави дека „нуклеарните амбиции на Иран се уништени“.

Сепак, два извори запознаени со извештајот тврдат дека залихите од збогатен ураниум не се уништени, а според еден од нив, повеќето центрифуги останале „недопрени“.

„ДИА проценува дека САД успеале да ја забават програмата на Иран за можеби неколку месеци, во најдобар случај“, рече изворот.

Американската војска соопшти дека операцијата поминала според планот и била „целосен успех“.

Сепак, според изворите, сè уште е рано САД да имаат целосна слика за последиците од нападот, а исто и проценките на другите разузнавачки агенции се непознати. Собирањето податоци, вклучително и од самиот Иран, продолжува.

Израел изврши неколку напади врз нуклеарните објекти на Иран во претходните денови, но тврдеше дека му се потребни американските бомби за уништување бункери од 13.600 килограми за да ја заврши операцијата. Американските бомбардери Б-2 фрлија повеќе од десет такви бомби врз две нуклеарни локации: Фордоу и објектот за збогатување ураниум во Натанз. Сепак, според проценката на изворот, бомбите не ги уништиле центрифугите ниту високо збогатениот ураниум.

Наместо тоа, штетата врз сите три цели – Фордоу, Натанз и Исфахан – беше во голема мера ограничена на надземните објекти, вклучувајќи ја енергетската инфраструктура и објектите за преработка на ураниум во метал за изработка на оружје.

„Врз основа на сè што видовме – а јас видов сè – нашиот бомбашки напад ги уништи капацитетите на Иран за изработка на нуклеарно оружје. Нашите масивни бомби погодија точно таму каде што требаше и функционираа совршено. Влијанието на тие бомби е буквално закопано под планина од урнатини во Иран, па секој што вели дека нападите не биле разорни се обидува да го поткопа претседателот и оваа успешна мисија“, изјави Хегсет за Си-ен-ен.

Трамп вчера повтори дека верува оти е нанесена голема штета: „Мислам дека сè е целосно уништено“, рече тој. „Пилотите ги погодија целите. Целите се уништени и пилотите заслужуваат пофалби“.

На прашањето дали Иран ќе може да ја обнови својата нуклеарна програма, Трамп одговори: „Таа е во урнатини. Уништена е“.

За разлика од Трамп и Хегсет, претседателот на Здружениот штаб на вооружените сили Ден Кејн во неделата изјави дека е „премногу рано“ да се коментира дали Иран сè уште е способен да развива нуклеарно оружје.

Џефри Луис, експерт за оружје и професор на Институтот Мидлбери, кој детално ги анализирал сателитските снимки од погодените локации, се согласува со проценката дека нападите не ја запреле нуклеарната програма на Иран.

„Прекинот на огнот дојде без САД или Израел да можат да ги уништат клучните подземни објекти во Натанз, Исфахан и Парчин“, рече Луис, осврнувајќи се на прекинот на огнот меѓу Иран и Израел што Трамп го објави во понеделник. Парчин е посебен нуклеарен комплекс во близина на Техеран.

„Овие објекти можат да послужат како основа за брзо рестартирање на нуклеарната програма на Иран“, додаде тој.

Исфахан не бил погоден од бомби-разбивачи на бункери, туку од крстосувачки ракети Томахавк испукани од американска подморница, според еден извор. Причината била што се сметало дека бомбите веројатно нема да навлезат во подлабоките подземни нивоа на Исфахан, кои се закопани уште подлабоко од оние во Фордоу.

Според два извори, американските разузнавачки служби, исто така, веруваат дека Иран има тајни нуклеарни објекти кои не биле цел на нападот и остануваат оперативни.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ