четврток, 21 ноември 2024

Судии, обвинители, директори, градоначалници, советници се на листата на ДКСК за проверка на имотната состојба во 2024 година

Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси (ДКСК) во 2024 година ќе го испитува потеклото на имот на судии, обвинители, директори на болници, како и на градоначалници и членови на совети на општините. Ова беше одлучено на вчерашната седница на ДКСК откако членовите на комисијата едногласно ја усвоија Програмата за работа за 2024 година и Годишниот план за следење на имотната состојба за 2024 година.

Објавено на

часот

Сподели

Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси (ДКСК) утврди четири ризични области на кои ќе работи во 2024 година.

„Се тргнува од ризични области и се става акцент на посебни сектори. Во 2024 година ДКСК означи четири такви области. Посебен акцент ќе биде ставен на правосудството, здравството, локалната самоуправа и јавните претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост“, објави членката на ДКСК, Софка Пејовска Дојчиновска.

Според планот, ќе се испитува имотната состојба на четворица судии и јавни обвинители, тројца директори на болници, четири градоначалници и советници во советите на општините, како и имотната состојба на тројца директори на јавни претпријатија (ЈП) и акционерски друштва (АД) во државна сопственост.

“Ова е според законот, но ќе се проверува и имотната состојба на функционери за кои ќе стигнат пријави, а ќе се работи и на предмети кои што ДКСК ќе ги отоври по сопствена иницијатива“, рече Пејовска Дојчиновска.

Владимир Георгиев изрази надеж дека во 2024 година ќе профукционира и софтверот кој веќе со години се инсталира во ДКСК со што конечно ќе започне електронската пријава на имотите на функционерите.

„Се надевам дека ќе профункционира операбилноста за да може да се проверуваат и по 100 и по 200 пријави годишно затоа што досега сѐ што работевме, работевме рачно“, рече Георгиев.

Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска потврди дека од 1 јануари 2024 година и официјално ќе започне електронското пријавувње на анкетните листови на функционерите, а ќе се менува и образецот на кој што ќе бидат пријавувани имотите што тие ги поседуваат.

„Но и покрај ова функционерите ќе мора и писмено да ги доставуваат анкетините листови за имотната состојба затоа што законот така налага“, кажа Ивановска.

Од Комисијата признаваат дека во делот на ЈП и АД во државна сопственост недостигаат антикорупциски политики за превенција на корупцијата и затоа вчера беше изгласана Програмата за проверка на работата на овие институции.

„Ова е добра алатка затоа што ќе го пополни правниот вакум што постои. Треба да се погледнат примерите од Хрватска и Словенија каде што со закон е уредена работата на јавните и приватните трговски друштва, а не како кај нас каде што ЈП и АД во државна сопственост делуваат како да се приватни“, рече Нури Бајрами.

На ниво на држава има 15 ЈП и 14 АД во државна сопственост.

Освен ова, ДКСК следната година ќе испитува и тоа дали во одредени закони се кријат правила кои претставуваат ризик од корупција.

Според  Планот за антикорупциска проверка на законодавството, на тапет на ДКСК следната година ќе се најдат Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Законот за финансиска полиција, Законот за ДКСК, Законот за лобирање, Законот за судови, Законот за јавно обвинителство, Законот за административни службеници и Законот за вработување во јавната администрација.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ