Или, пак, нарачката е вообичаена постапка со која се поттикнува извозот бидејќи странските купувачи не сакаат да купуваат оружје и опрема кои не ги користи војската на државата произведувач. „Милош“ веќе им е продаден на Кипар и Сенегал, а „лазар 3“ на Туркменистан. Вучиќ неколку пати се пофали дека заинтересираноста на странските купувачи за „лазар“ е многу голема.
Многу лесно е можно српската војска наскоро да има и повеќе од доволно луѓе за екипажите на сите тие оклопни возила. Вучиќ за време на посетата на касарната Топчидер објави дека „генералштабот и министерот за одбрана изнеле уверлива аргументација дека е потребно враќање на задолжителниот воен рок, но потребно е да се исполнат многу финансиски, логистички и други претпоставки“. „До 1 мај треба да ми ги достават сите предлози, потоа со воениот кабинет и генералштабот, со владата на Србија ќе седнеме и ќе се видиме и, доколку биде позитивна одлуката, би се одело пред српското собрание“, кажа српскиот претседател и понатамошните објаснувања му ги препушти на министерот за одбрана Милош Вучевиќ.
Планот на Вучиќ
Вучевиќ потврди дека министерството за одбрана ја прифатило иницијативата на генералштабот на српската војска за почнување на враќањето на обврската за служење воен рок. Прво треба министерството за одбрана и генералштабот до мај на воениот кабинет на претседателот Вучиќ да му достават анализа со аргументи.
„Потоа тоа ги чека новата влада и новото собрание, ако има политичка поддршка за тоа да се одлучува. И за тоа ќе бараме некое време. Тоа не може да се почне преку ноќ“, изјави Вучевиќ.
Првата седница на новиот состав на Народното собрание на Србија е свикана за 6 февруари. Имајќи предвид дека во Србија не се случува ништо без дозвола од Вучиќ, и тоа што на вонредните парламентарни избори во декември неговата партија освои 129 од 250 пратенички мандати, изненадувања сигурно нема да има.
Изненадувања би можело да има само околу составот на новата влада, односно ако Вучиќ реши малку поинаку „да ги подели картите“. Српските медиуми не веруваат дека Ана Брнабиќ ќе добие и четврти мандат имајќи ја предвид изјавата на Вучиќ: „Тешко дека таа (Брнабиќ) повторно ќе биде премиерка. Тоа ѝ го кажав пред изборите, но таа се посвети и се бореше за време на целата кампања. Зад неа остануваат резултатите“.
Како најизвесен наследник на Ана Брнабиќ се спомнува токму сегашниот министер за одбрана Вучевиќ, па проблеми со најавеното враќање на обврската за служење воен рок нема да има.
Моменталниот предлог е задолжителен рок за мажите во траење од четири месеци
Актуелниот предлог е воведување задолжителна воена обука во траење од четири месеци. И тоа за сите мажи. Околу прашањето за цивилно служење на воениот рок, Вучевиќ беше многу јасен: „Или целосно укинување, или максимално рестриктивно околу цивилното служење на воениот рок. А оние кои нема да сакаат да носат оружје, што е уставно право, можат да служат во касарна и да вршат други работи“.
Нормално, кога системот ќе се разработи, многу е лесно да се зголеми рокот на траење на шест, дванаесет или повеќе месеци.
Одговор на формирањето војска на Косово
Одговор на прашањето зошто Србија забрзано се вооружува и го враќа воениот рок не треба многу да се бара. Самиот министер Вучевиќ го даде одговорот. Главната причина е вооружувањето на Косово од страна на Турција, САД и други земји. „Повторно го поставувам прашањето, зошто или за кого тие се вооружуваат: Поради Албанија, Македонија, Црна Гора или пак Србија: Мислам дека на сите одговорот им е многу, многу јасен и Србија има одговорно политичко раководство“, им кажа Вучевиќ на новинарите.
Нормално, напад на српската војска на Косово, според Белград, никако не би била агресија. Само враќање на целосната надлежност над целата територија на Република Србија. Бидејќи Косово, според официјалниот став на Белград, никогаш не престанало да биде составен дел на Србија.
Вучиќ, како и многу други на кои сегашните политички односи на силите во Европа не им одговараат, се надева дека враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа ќе донесе американско напуштање на Европа и НАТО. Што потоа би ја отворило можноста за враќање на Косово.