Во разговорот Венко Филипче ја информираше претседателката за актуелните партиски промени врзани за изборот и конституирањето на новите партиски органи и функционери.
Во својство на претседател на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче ја нагласи потребата од активна соработка на Советот со Владата во функција на спроведување на Планот за раст и Реформската агенда.
Претседателката го информираше за нејзиното видување на евроинтеграцијата и можните решенија за отпочнување на преговорите со Европската Унија, соопшти кабинетот на шефот на државата.
По средбата во изјава за медиумите Филипче рече дека изразил загриженост и укажал дека треба да реагира за работи кои се во нејзини ингеренции, како што рече, пред се, „партизацијата која што се случува во делот на безбедносните структури“. Разговарале и за процесот на евроинтеграциите и најави дека СДСМ ќе ја поддржи секоја подобрена позиција што ќе ја обезбеди Владата.
„Ѝ укажав на ризикот. Сметаме дека може да биде многу голем доколку настане фузија на двете безбедносни агенции, ако се продолжи со ваква партизација имајќи предвид дека сме имале едно такво лошо искуство во минатото, дека таква гломазна безбедносна партизирана институција може да се злоупотреби“, изјави Филипче по средбата која ја оцени како пријатна, пријателска и конструктивна со цел натамошна конструктивна соработка.
Филипче порача дека ваква форма на политички дијалог на претседателката треба да прерасне во редовни средби.
Средбата ја побарал тој по последната седница на Комисијата за европски прашања каде имала изглагање претседателката и го изнела искуството од Нациопналниот совет за евроинтеграции.
Прашан дали на средбата добил информации за деблокада на евроинтеграциите и разговорите на Сиљановска со бугарскиот претседател Румен Радев, Филипче повтори дека СДСМ ќе поддржи секоја подобрена позиција која што Владата ќе ја обезбеди согласно ветувањата и обидите.
„Ја иформирав претседателката дека за време на преговорите кога ги водеше СДСМ, сме се обиделе уставните измени да бидат со одложено дејство, меѓутоа тогаш тоа од бугарска страна, од раководството на тогашниот премиер Петков, не било прифатено. Повторувам која било подобрена позиција ние ќе ја поддржиме“, рече Филипче.
За да дадат поддршка во Собранието на предлог за уставни измени со одложено дејство рече дека „треба да добијат потврда дека тоа е возможно.
„Многу опции, многу варијанти се работеле во изминатиот период. Јас имав состаноци коишто и тогашниот премиер Ковачевски, и тогашниот наш преговарач Маричиќ ми укажаа кои работи се обиделе да ги направат, што било возможно, што не било возможно. Ние успеавме да го направиме тоа. Сите други обиди меѓу другото и одложеното дејство на уставните измени тогаш бугарската страна не го прифатила. Што и да направи сегашната Влада, што ги подобри нашите позиции ние тоа го поддржуваме“, изјави Филипче.