недела, 17 ноември 2024

Собраниската анкетна комисија ветува објективи наоди за случајот на Клиниката за онкологија

Во Собранието денеска Анкетната комисија за случајот во Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија ја одржа првата седница, на која едногласно беше усвоен Деловникот за работа. 

Објавено на

часот

Сподели

Претседателката на Комисијата Рашела Мизрахи најави дека уште денеска ќе бидат контактирани поранешни миистри за здравство кои ќе бидат повикани на разговор и поканети да присуствуваат на наредните седници на комисијата.  

Мизрахи во изјава за медиумите по завршување на седницата рече дека нема да дозволи во ниту еден момент Анкетната комисија да се претвори во парасудски органи. Потенцира дека тие се пратеници и политичари кои, како што рече, ќе бараат политичка одговорност која ќе биде објективна.

„Од наодите на Анкетната комисија можат да произлезат заклучоци кои што се основа за поведување постапка за утврдување на одговорност на носителите на јавни функции согласно членот 76 од Уставот. Се надевам и верувам дека оваа ќе биде првата Анкетната комисија која што ќе ја заврши задачата утврдена во одлуката. Ќе утврди наоди и ќе предложи решенија, и тоа ќе го направиме пред очите на јавноста и заедно со седмата сила – медиумите. Очекувам да имаме заклучоци за вистината дали има или нема одговорност, во колкава мера и чија е таа одговорност. Очекувам со овие заклучоци да се поведат системски решенија коишто ќе превенираат вакви скандали и трагедии во иднина“, рече Мизрахи.

Мизрахи потенцира дека доколку е потребно, Анкетната комисија ќе работи секој ден, вклучувајќи ги и викендите.

Пратеникот Ненад Коциќ денеска изјави дека тој и неговата пратеничка група од СДСМ се најзаинтересирани да видат дали, кога и од чија страна биле направени евентуални злоупотреби со терапијата на Клиниката за онкологија.

„По предлог на опозицијата прифативме активно да учествуваме во работата на оваа комисија. Јасно сакам да кажам дека сме најзаинтересирани да се открие дали постои евентуална одговорност кај функционери во случувањата на Клиниката за онкологија. Апсолутно застануваме против злоупотребата на народните пари што оваа Влада ги одвоила за биолошка терапија и сме заинтересирани да видиме дали, кога и од чија страна, со име и со презиме биле направени евентуални злоупотреби со истата терапија“, рече Коциќ. 

Здравјето и животот на граѓаните, како што вели, е пред сѐ и над сѐ, и доколку кој било се обидел да ја злоупотреби својата функција, довербата и парите со коишто се обезбедила оваа терапија, тогаш треба јасно да се каже во јавноста дека тој некој или таа некоја, тоа го направиле.

„Мојата забелешка за време на координацијата беше дека не треба да го ограничуваме времето, со оглед на информациите дека постоеле индиции и пријави до Основното јавно обвинителство, уште пред десетина години, за наводни злоупотреби. Би требало како одговорна Анкетна комисија да разгледаме дали тоа некој ги криел предметите во фиока и друга злоупотреба со која вистината не излегла на површина“, рече Коциќ. 

Нагласува дека тие ќе работат професионално и без политизирање и дека како пратеничка група сакаат да покажат одговорност, но и да побараат одговорност од луѓето кои извршувале функција, без разлика дали се работи во државни органи или во областа на здравството.

Коциќ рече дека исто така, нивната работа би требало да испрати порака дека не смеат да се злоупотребуваат функциите или положбата, притоа нарушувајќи ги законите и уште полошо, нарушувајќи го здравјето или животот на граѓаните.

„Тоа што било обезбедено за лекување на пациентите, треба да биде искористено во интерес на нивното здравје и живот. Не прифаќаме кој било да биде оцрнуван без потреба, застанувам во одбрана на чесните лекари, на чесните функционери, меѓутоа кој било што злоупотребил функција или положба, без разлика како се вика и од која политичка партија доаѓа, треба да биде таргетиран“, смета Коциќ. 

Арбен Зибери од ДУИ, член на оваа Анкетна комисија рече дека се очекува политичките партии да не гледаат да добијат политички поени, бидејќи се работи за здравјето на луѓето, па како што нагласи, би било најсоодветно сите да придонесат да се најдат виновницте, ако тие навистина постојат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ