четврток, 28 ноември 2024

Со проектот „Бесплатна струја“, Македонски концепт ќе се бори против крадците на струја

Објавено на

часот

Сподели

Татјана Трајковска, директор на Центарот за истражувања и анализи на Македонски Концепт (МК) кажа дека во земјава има 788.000 стујомери на семејна тарифа од кои се наплатуваат помалку од 250 милиони евра или просек по 26 евра месечно по броило, вклучително и загуби во пренос односно наплата на украдена струја од граѓаните кои редовно плаќаат сметки.

„Согласно статистичките податоци од Попис 2021 година, во Македонија има 598.632 семејства, од кои дел редовно плаќаат сметки, просечно по 1.625 денари на месец, а дел не плаќаат или крадат струја. Преку овој проект, се брише ставката „загуби во пренос“, со што просечниот месечен износ за струја на секое семејство се намалува за 30 отсто до 50 отсто. Останатиот износ од просечни 1.200,00 денари, кој реално треба да го плати секое семејство, ќе го плаќа државата. Секое семејство кое користи струја во рамки на просекот, ќе добива целосно бесплатна струја. Останатите, кои трошат повеќе, ќе го плаќаат износот над просечната потрошувачка. Тие кои трошат помалку од просек, неискористените средства ќе ги добиваат како државна исплата на нивна трансакциска сметка, најдоцна до 15 февруари за претходната година“, рече Трајковска.

Со почеток на проектот „Бесплатна струја за сите семејства“, велат од Македонски концепт, секое семејство кое сака да користи бесплатна струја ќе треба да ја плати последната сметка за струја, преку редовниот систем на ЕВН Хоме за наплата на потрошувачите на електрична енергија. Тие кои нема да платат редовна сметка, нема да влезат во проектот. Така, сметаат од МКК, ќе се постигне 100 отсто редовна наплата од сите граѓани и целосна даночна наплата по тој основ. Следната сметка ќе биде во реален износ на потрошена електрична енергија, без „загуби во пренос“, и намалена за 1.200 денари, државна поддршка.

„Така на пример, едно семејство плаќало просечно по 2.000 денари струја месечно. Од нив, 800 денари се „загуби во пренос“ или плаќање за крадена струја од други семејства и 1.200 реално потрошена струја. Следната сметка, согласно овој проект ќе биде 0 денари, со оглед на тоа што веќе ќе нема потреба да се плаќаат тие 800 денари крадена струја и останатите 1.200 денари ќе ги плати државата за вас. Реализацијата на проектот ќе биде целосно преку редовниот систем за наплата на ЕВН Хоме, без никакви дополнителни административни потешкотии за граѓаните. Сите правни и процедурални прашања, меѓусебно ќе ги регулираат државата и компанијата – дистрибутер“, рече Трајковска.

Правилото е, едно семејство – една сметка. Сите сметки на двојни станови и куќи, вили и викендици, нема да бидат дел од овој проект. Ќе се признаваат правата од проекот за семејства кои користат станбена површина под кирија, со што ќе се евидентираат буквално сите издадени под закуп станбени површини, а со тоа и целосна, 100 отсто реализација на даночните обврски по тој основ.   

Според програмата, доколку се констатира злоупотреба, односно така наречено раслојување на семејставата со цел користење на повеќе броила, истото ќе биде третирано согласно Кривичниот законик – измама и ќе биде строго казнувано. Ќе се воспостави посебен регистар на семејства во рамки на Централниот регистар (ЦРМ), преку преземање на базата на податоци од Заводот за статистика и задолжително евидентирање на нови семејства во иднина, со што и самите пописни процедури ќе треба да станат редовна состојба во Македонија.

Од Македонски концепт велат дека првата фаза од прокетот ќе се однесува само на домаќинствата а во втората фаза ќе бидат вклучени и малите семејни бизниси и трговци поединци, редовни плаќачи на сите обврски кон државата.

За оваа намена од Буџетот на државата ќе треба да издвојуваат по околу 139 милиони евра годишно кои би биле обезбедени од зголемена даночна наплата од сметки за струја, закуп на станбен простор, намалена корупција и легализација на сива економија.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ