среда, 11 декември 2024

Пратениците со автентично толкување ќе одлучуваат за враќање на 9 амбасадори

Во понеделник на седница на собраниската Законодавно-правна комисија ќе се расправа за барањето на пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ за автентично толкување на член 39 став 3 од Законот за надворешни работи. Ова барање се однесува на најавата од МНР за враќање на девет амбасадори кои не го поминале собранискиот филтер пред упатување.

Објавено на

часот

Сподели

Во член 39 од Законот за надворешни работи пишува дека „по добивањето на агреманот, кандидатот за амбасадор започнува со подготовки за преземање на должноста, кои траат најмногу 60 дена и се сметаат за завршени по завршниот разговор на кандидатот за амбасадор со министерот и директорите во Министерството. По завршниот разговор кандидатот за амбасадор ги презентира своите согледувања за односите со државата на приемот или меѓународната организација пред работното тело на Собранието, надлежно за надворешна политика“.

Се бара автентично толкување од пратениците дали амбасадорите треба да бидат „сослушувани“ во Собранието пред да заминат на функцијата. Ако пратениците одговорат позитивно, тогаш Министерството за надворешни работи на Македонија ќе одлучува дали ќе врати десетина амбасадори што го прескокнаа овој чекор.

Без собраниски филтер како амбасадори беа испратени Андреј Жерновски (против него е веќе покрената и дисциплинска постапка по друга основа), Мето Белески во Брисел, Катерина Ставревска во Лондон, Џенк Сејфула во Стокхолм, Пајо Авировиќ во ОБСЕ, Емил Крстевски во Прага, Јакуп Реџепи во Сараево, Агнеза Руси во Софија и Зеќир Рамчиловиќ во Подгорица. Во оваа група е и Љубомир Фрчкоски, кој е веќе отповикан по поднесената оставка од амбасадорското место во ОН.

Овие амбасадори во периодот на владеење на СДСМ и ДУИ беа упатени на мисија без да ги бранат своите тези пред Собранието. Собраниското толкување треба да даде одговор дали претставувањето на амбасадорите пред собраниската Комисија за надворешна политика е задолжителен дел од процедурата на испраќање.

„Јас лично сакам да се протолкува ова прашање бидејќи сметам дека со тоа што амбасадори се испраќаа без да ги бранат тезите пред пратениците, не е испочитуван Законот за надворешни работи“, вели подносителот на барањето пратеникот Бојан Стојаноски.

Од сегашната опозиција велат дека претходната власт ја прескокнуваше оваа законска обврска затоа што тогашниот претседател на собраниската Комисија за надворешна политика Антонио Милошоски не ги закажуваше бараните седници. Тогаш претставниците на СДСМ и ДУИ сметаа дека „сослушувањето“ во Собранието не е задолжителен дел од процедурата.

Дипломатите сметаат дека кога веќе се ипратени луѓето нема потреба за нивно враќање преку ваки политички и партиски пресметки.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ