Ветеранскиот конзервативен премиер Орбан се обиде да го минимизира скандалот што собори двајца негови клучни политички сојузници – претседателката и поранешната министерка за правда – за само една недела.
Сепак, најпроблематичниот период од неговото 14-годишно владеење не е завршен, бидејќи скандалот продолжува да доминира во домашните медиуми, а популарните инфлуенсери планираат улични протести, пишува Ројтерс.
Иако кризата не претставува непосредна закана за неговото владеење, бидејќи следните избори се дури во 2026 година, таа се случува во пресрет на изборите за Европскиот парламент, кои се одржуваат во јуни и каде што неговата партија се надева на растот на поддршката за десницата низ цела Европа.
„Тоа послужи да се покаже идеолошката фасада на неговите наводни семејни вредности и конзервативниот пуританизам“, рече Роџер Хилтон, истражувач во независната организација ГЛОБСЕК.
„Ако ова продолжи постепено да се разоткрива, тоа ќе биде реален ризик за опстанокот на Орбан“, вели Хилтон за Ројтерс и додава дека Орбан би требало да се опорави од сегашниот удар. „Можеби е ранет, но неговата политика во никој случај не е во непосредна опасност.“
Орбановата партија Фидес се обиде да го врати наративот по оставката на претседателката Каталин Новак во саботата, велејќи дека нивните грешки имаат различни последици од оние што ги направи опозицијата. Сепак, медиумите и опозицијата не попуштија и сега ги бараат мотивите за претседателското помилување што се случи во април 2023 година, но првпат беше објавено од порталот 444.hu во февруари годинава.
Орбан ѝ се нема обратено на јавноста од четвртокот, и не ги искоментира двете оставки. Тој треба да ѝ се обрати на нацијата в сабота, презентирајќи ја политичката агенда за 2024 година.
„Премиерот веќе го кажа својот став во врска со помилувањето. Владата продолжува со редовните активности“, рече неговиот секретар за медиуми Берталан Хаваси одговарајќи на прашања на Ројтерс.
Во обид да ја ограничи политичката штета, Орбан минатата недела поднесе уставен амандман до парламентот со кој на претседателот му се одзема правото на помилување за злосторства против деца. Политичките аналитичари тоа го протолкуваа како јасна порака до Новак, кој два дена подоцна поднесе оставка.
Јудит Варга, поранешната министерка за правда, која го потпиша помилувањето, поднесе оставка од пратеничкото место во Фидес и „се повлече од јавниот живот“.
Варга, позната по нејзината лојалност кон Орбан, се очекуваше да ја предводи листата на Фидес за изборите за Европскиот парламент и остана нејасно кој би можел да ја замени.
Орбан се постави како бранител на христијанските вредности против западниот либерализам. Неговите кампањи за заштита на децата од, како што рече, упадот на ЛГБТК-активисти во државните училишта е едно од неколкуте прашања што го доведоа во конфликт со Европската комисија.
Откривањето на случајот со помилувањето предизвика незадоволство во јавноста, а девет интернет-инфлуенсери, меѓу кои и популарниот пејач Азахрија, во петокот повикаа на протести.
„Без разлика на политичката страна, сметаме дека е важно да ја изразиме нашата поддршка за заштита на жртвите (на злоупотреба), транспарентност, човечко достоинство и чесен јавен дијалог“, напишаа инфлуенсерите во објавата на Фејсбук. „Колку други слични теми има за кои ништо не знаеме и кои се заташкани“, прашаа тие.
Целта на Орбан дополнително ја комплицира тоа што Питер Маџар, поранешниот сопруг на Варга и бизнисмен близок до круговите на Фидес, објави жестоки коментари за активностите во владата, обвинувајќи го Антал Роган, министерот што го предводи кабинетот на Орбан, дека води централизирана пропагандна машинерија. Интервјуто што Маџар го даде за порталот Партизан имаше 1,3 милиони прегледи.
Роган не ги коментираше јавно изјавите, а владиниот портпарол не одговорил на барањето на Ројтерс за коментар.
Во вторникот, Маџар го нападна зетот на Орбан, бизнисменот Иштван Тиборч, во објава на Фејсбук во која тој се запраша како Тиборч го стекнал своето богатство. Тиборч за телевизијата РТЛ клуб изјави дека не сака да учествува во „политички битки“.
Во изјава за порталот Телекс, Орбановиот секретар за медиуми Хаваси рече дека владата „не се занимава со очајничките обиди на луѓето што се во безизлезна ситуација“.
Либералната организација Политикал капитал објави дека скандалот „сѐ уште има нозе“.
„Засега се чини дека скандалот не бледнее толку брзо пред очите на јавноста“, се наведува во нивниот извештај. „Потрагата и изборот на нов претседател сигурно ќе ја враќатат таа тема во центарот на вниманието на јавноста“.