Претседателот на синдикатот на контролори на летање Александар Тасевски, денеска и официјално ја потврди информацијата дека вчера бил повикан во полиција, каде, како што рече, му била презентирана кривична пријава од страна на двајца од тројцата директори, Фахрудин Хамиди и Хасим Деари кои се пожалиле дека им се заканувал преку мејл.
„Најодговорно тврдам дека содржината на тој мејл нема било какви ставки кои асоцираат на закани и животнозагрозувачки информации, а тенденционзно се интепретираат погрешно за да ми се изврши притисок со намера да се откажеме од нашите активности. Преку мене и до синдикатот на контролори на летање и до сите оние професионалнци кои покажаа доблест да го кренат својот глас и да ја заштитат професијата и да кажат стоп на нестручните вработувања“, рече Тасевски.
Тој вели дека тоа нема да го заплаши и дека директорите не се плашат за нивните животи туку за нивните директорски фотелји.
„Последните чекори што се преземени од страна на техничарите и инженерите да си дадат оставка од своите раководни функции веројатно предизвика паника кај директорите затоа што на наша страна се и другите служби, не само контролорите. Како прв и следен чекор е тоа што денеска ќе почне депонирањето на оставки контролорите на летање и нивните заменици кои имаат раководни и инструкторски функции, а тоа се отприлика 20-30 луѓе“, најави Тасевски.
Тој кажа дека ваквата ситуација на синдикалците од М-НАВ им дава повеќе моќ и кураж да продолжат, како што рече, по вистинската патека за остварување на нивните цели, заштита на професијата и професионализмот во институцијата.
„Безбедноста на авио-сообраќајот не трпи компромиси од никаков вид. Ако директорите мислат дека можат да работат сами тогаш нека продолжат да работат сами“, вели Тасевски.
Зборувајќи за последниот оглас за вработување што беше причина за кулминација на незадоволството на вработените во М-НАВ, Тасевски рече дека тој самиот по себе е контраверзен по повеќе основи, а една од причините е затоа што стручните лица од синдикатот не биле вклучени во селекцијата на кандидатите иако тоа е обврска на работодавачот што било и причина штрајкот да биде ставен во мирување.
„Ќе го оспориме целиот конкурс но и вработувањето на претходниот директор. Тука има работа за Трудовата инспекција, за Антикорупциската комисија но и за други институции и не само за овој конкурс туку и за многу други работи“, рече Тасевски.
Прашан зошто на својот фејсбук профил го повика Јавното обвинителство и дали ќе предаде докази до Финансиската полиција за своите сомнежи за криминал, тој посочи пример кога требало да се гради зграда за потребите на М-НАВ но наместо тоа била реновирана гаража од 280 метри квадратни за која било платено 400.000 евра.
„Ако ова не е доволна причина институциите да почнат да истражуваат тогаш тоа е сериозен проблем, да се прават слепи и глуви за работи кои веќе ѝ се познати на јавноста“, рече Тасевски.
Тој не ја исклучи можноста за штрајк на вработените од повеќе сектори од М-НАВ но и, како што рече тој, тотално затворање на воздушниот простор.
Претседателот на Синдикатот на контролори на летање Александар Тасевски вчера беше повикан во полиција да даде изјава, откако двајца директори на македонската навигација (М-НАВ) се пожалиле дека им се заканувал.
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска реагираше, како што посочија оттаму, во врска со медиумските написи и соопшти дека со Тасевски бил обавен службен разговор, како што тоа е случај кога постои пријава, и дека не е лишен од слобода, како и дека ќе биде поднесен соодветен поднесок до обвинителството.
Реагираа и од Македонска навигација (М-НАВ).
Во врска со последните изјави од страна на претседателот на Струков синдикат на контролори на летање (ССКЛ) укажуваме дека истите се тенденциозни и не ја кажуваат вистинската слика на работење во М-НАВ и прават опструкција на проефесионалното работење на М-НАВ, која е сериозна компанија и го менаџира авиосообраќајот над нашето небо.
М-НАВ е институција која работи по највисоки европски и светски стандарди за управување и контрола на воздушниот сообраќај. Оваа негативна и лоша тенденција е лична иницијатива за свои интереси од претседателот на синдикатот на контролори на летање Александар Тасевски, додека другите вработени не се консултирани за неговите изјави и постапки и со тоа прави штета на М-НАВ“, реагираа од Макоднска навигација.