четврток, 12 декември 2024

Во случај на вооружен напад само 18 отсто од населението на Македонија ќе има каде да се засолни

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) располага со 101 од вкупно 1.761 засолниште колку што има во Македонија во случај на потреба од засолнување од евентаулни последици, по дозволата што ја даде американскиот претседател во заминување, Џо Бајден американско оружје да се употребува на руска територија што ја зголемува опасноста од можна нуклеарна војна. Од ДЗС за МКД.мк велат дека на цела тетиторија на Македонија има 185.465 засолнишни места, доволни да се засолни 18 отсто од населението. Во случај на потреба од засолнување на целото население потребни се вкупно 1.034.450 засолнишни места, бројка која произлегува од зафатот на загрозените зони што изнесува приближно 40 отсто од вкупната површина на Македонија. Западните земји веќе на големо се подготвуваат во случај на заострување на војната помеѓу Русија и Унгарија која може да ги надмине границите на овие две држави.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) велат дека пред 10 години Дирекцијата направила реконструкција и реновирање на дел од засолништата што ги поседува и дека е во комуникација со Владата за да се обезбедат пари во буџетот за ревитализација на останатите засолништа. Како што објаснуваат од ДЗС, засолнувањето опфаќа планирање, изградба, одржување и користење на засолништата и други заштитни објекти и засолнување на населението, материјалните добра и заштитените древни, културни добра на државата.

„Инаку низ цела држава засолништата се делат на јавни тунелски и јавни блоковски засолништа. Додека според степенот на заштита се делат на основна заштита, дополнителна заштита, со дополнителна зајакната плоча и засолни кои даваат заштита од авио бомбардирање, артилериско гранатирање и гранатирање со ракети. Согласно Планот за заштита и спасување има определена мерка за спроведување на заштита и спасување од  засолнување. Согласно Уредбата за спроведување на засолнувањето вкупниот број на цела тетиторија изнесува  185.465 засолнишни места кои задоволуваат само 18 отсто од население. На подрачјето на РСМ се потребни вкупно 1.034.450 засолнишни места, бројка која произлегува од зафатот на загрозените зони што изнесува приближно 40 отсто од вкупната површина на Републиката. Во сопственост на Дирекција за заштита и спасување Владата доделила 101 засолниште, од вкупно 1.761 засолниште. Во Скопје,  во сопственост на ДЗС се 16 засолништа“, велат од Дирекцијата за заштита и спасување.

Што се однесува до другите градови најмногу засолништа има во Кочани -13, Велес -12, Битола – 10, Неготино – 9, седум има во Пробиштип, по пет во Струга и Штип, по три засолништа има во Струмица и Тетово, по две во Берово, Гостивар, Охрид и Свети Николе и по едно засолниште има во Дебар, Кичево, Крива Паланка, Крушево, Македонски Брод, Прилеп и Радовиш.

„Во другите градови не се евидентирани или затоа што таму нема засолништа или затоа што се во сопственост на друга институција“, велат од ДЗС.

За тоа колку луѓе можат да се засолнат и на колку време може да бидат засолнети во засолништата, од ДЗС објаснуваат дека тоа зависи од големината на засолништето и видот на загрозувањето.

„Тоа зависи од големината на засолништето, а времетраењето на престојот зависи од видот на загрозување, дали е во случај вонредна, воена или друг вид состојба или пак зависи од степенот на загрозување кој може да биде максимален или висок степен, долготајни борбени дејства и последниот степен, индирекно загрозени простори). Престојот може да биде и краткотраен или сѐ додека не помине опасноста. Засолништата располагат со основна опрема согласно Уредбата за спроведување на засолнувањето. Планирањето за спроведување на оваа мерка  за заштита и спасување детално се разработува со улогите на сите задолжени субјекти“, објаснуваат од ДЗС.

Доколку граѓаните се најдат во ситуација да треба да се засолнат, од ДЗС велат дека даваат насоки и препораки според три критериуми.

„Првиот е според местото на живеење во кое засолниште и други заштитни објекти може да бидат изградени во станбени објекти, деловни објекти, станбено – деловни објекти и на неизградени површини наменети за изградба на станбени објекти. Според местото на работа, засолништата и другите заштитни објекти можат да бидат изградени во деловни објекти, а јавните засолништа се градат на неизградени површини, како самостојни објекти, или во одредени урбани единици во состав на објекти. Граѓаните треба да се запознаат каде се наоѓаат овие објекти во случај да треба да се употребат“, велат од ДЗС.

Оттаму велат дека Дирекција за заштита и спасување не ги третира целосно загрозувањата од нуклеарни напади туку само дел, како што е загрозување од радиоактиви хемиски и биолошки несреќи (РХБ).

„Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) како надлежна институција за справување со природни непогоди и други несреќи во услови на мир, вонредна и воена состојба е во постојан контакт со Владата, со Министерството за одбрана, со Министерството за надворешни работи, со Министерството за внатрешни работи и постојано ја следи состојбата со воените конфликти во Украина. ДЗС согласно Републичкиот план за заштита и спасување има утврдено начини и постапки, како сите државни институции, локални самоуправи и граѓаните да постапат во случај на употреба на засолништата кои веќе се изградени или какви други дејствија треба да се преземат. Меѓутоа ДЗС исто така ќе ги следи упатствата од Владата, од Советот за безбедност и Парламентот, и доколку се одлучи употреба на засолништата тогаш ДЗС ќе даде насоки што и како треба да преземат граѓаните“, одговараат од ДЗС.

Во однос на Советот за безбедност, МКД.мк испрати прашање до претседателката Гордана Сиљановска Давкова кога ќе свика седница на Советот за безбедност на која на дневен ред би се нашле прашањата од безбедносен карактер особено по последните случувања во војната помеѓу Русија и Украина. До објавувањето на овој текст одговор не добивме.

Војната помеѓу Русија и Украина ги натера дури и земјите кои не беа членки на НАТО да се зачленат во овој воен сојуз, како што се Шведска и Финска, кои редовно ги подготвуваат своите граѓани за евентуална војна.

Пред две недели Шведска испрати околу пет милиони памфлети до своите граѓани во кои ги повикува да се подготват за можноста за војна.

Шведската влада постојано ги повикува Швеѓаните психолошки и логистички да се подготват за можноста за војна. Шведската агенција за цивилни итни случаи (МСБ) издаде брошура насловена како „Ако има криза или војна“ која содржи информации за тоа како граѓаните да се подготват за вонредни ситуации како што се војна, природни катастрофи или сајбер напади.

„Безбедносната ситуација е сериозна и сите ние мораме да ја зајакнеме нашата отпорност за да се соочиме со разни кризи и на крајот војна“, изјави директорот на МСБ, Микаел Фризел.

Брошурата уште содржи и совети за подготвеност, како што се складирање на вода и нерасиплива храна.

Финската влада пак, отвори онлајн портал кој собира информации за подготвеноста за различни кризи.

На почетокот на септември, Романија упати предупредувачко известување до граѓаните за можност од паѓање на објекти од воздух преку системот „Ро-Алeрт“.

„Останете смирени. Засолнете се во подруми или во засолништа за цивилна заштита. Доколку нема засолниште, останете внатре во куќите, далеку од прозорци и надворешни ѕидови. Очекувано времетраење е 90 минути“, пишуваше во пораката испратена на мобилните телефони на граѓаните.

И Германија почна поинтензивно да се подготвува за можни кризни ситуации. Бундесверот развил стратешки документ наречен „Операционен план Германија“, во кој се детализирани улогата на економијата и клучните инфраструктурни сектори во случај на вооружен конфликт. Еден од клучните елементи на овој план е соработката со приватниот сектор за обезбедување снабдување и одржување на функционалноста на клучните сектори во случај на криза.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ