вторник, 10 декември 2024

ИВЗ и ДУИ се против Јени џамија во Битола да биде Музеј на христијанската и исламската култура

За Исламската верска заедница (ИВЗ) e неприфатливо да се отвори Музеј на христијанската и исламската култура без тие да бидат консултирани за оваа иницијатива. Тие испратија реакција до премиерот Христијан Мицкоски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и дипломатските преставништва во земјава искажувајќи длабока загриженост. И од Демократската унија за интеграција (ДУИ) изразија длабока загриженост за оваа одлука на Владата, која според нив, ги занемарува верските и историските чувства на една важна заедница во државата.

Објавено на

часот

Сподели

Во Битола вчера се отвори Музеј на христијанското и исламското културно наследство на иста локацијата каде што се наоѓа Јени џамија, а под неа се откриени темели на црквата Св. Ѓорѓи.

„ИВЗ бараше да им биде денационализирана и да се користи од страна на верниците како место за богослужба. Но, државата, поточно Министерството за култура, никогаш не го исполнија ова наше легитимно барање и со години ја држеа затворена, а сега ја трансформираа во Музеј без согласност на ИВЗ“, пишува во реакцијата.

Од ИВЗ повикуваат на заштита на Јени џамија како исламски верски објект и значителна културна вредност за да се „зачува соживотот и мирот како скапоцена вредност во нашата држава“.

И Демократската унија за интеграција (ДУИ) смета дека оваа одлука на Владата ги занемарува верските и историските чувства на една важна заедница во државата. „Овој чин, кој продолжува со логиката на еднострани одлуки, е јасен показател за континуираната институционална, етничка и верска деградација што ја карактеризира оваа Влада. Во овој контекст, ги осудуваме политиките на Владата што имаат за цел уривање на темелите на еднаквоста и соживотот, претворајќи ги овие теми во политички алатки за поделби“, велат од ДУИ и додаваат дека треба да се почитува културното и верското наследство на секоја заедница и итно да се прекине со политиките на поделби.

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ