недела, 20 октомври 2024

Шок за Европа: антиисламскиот популист Вилдерс блиску до голема победа во Холандија

Објавено на

часот

Сподели

Според резултатот, тој е на пат да ги води разговорите за формирање нова владејачка коалиција и веројатно да стане првиот тврдодесничарски премиер во земјата во време на политички пресврти низ поголем дел од континентот.

Според 98 отсто од изброените гласови, Вилдерсовата Партија за слобода освоила 37 места во 150-члениот долен дом на парламентот, повеќе од двојно од 17-те што ги освои на последните избори. Конечните официјални резултати се очекуваат денеска.

„Морав да си ја штипнам раката“, рече радосниот Вилдерс.

Изборната програма на Вилдерс вклучува повици за референдум за излегување на Холандија од Европската Унија, целосно запирање на прифаќањето на барателите на азил и враќање на мигрантите на холандските граници.

Таа, исто така, се залага за „деисламизација“ на Холандија, иако тој беше поблаг кон исламот за време на оваа изборна кампања отколку во минатото, вели АП.

„Гласачите рекоа: ‘Ни се гади од тоа. Ни се повраќа’“, рече тој, додавајќи дека сега е во мисија да му стави крај на „азилантското цунами“, мислејќи на миграциското прашање што доминираше во неговата кампања.

„Холанѓаните повторно ќе бидат број 1“, додаде Вилдерс. „Народот мора да ја врати својата нација“.

Но, пратеникот, кој во минатото беше означен како холандска верзија на Доналд Трамп, прво ќе треба да формира коалициска влада пред да може да ги преземе уздите на власта.

Тоа ќе биде тешко бидејќи мејнстрим-партиите не сакаат да ги здружат силите со него и неговата партија, но големината на неговата победа ги зајакнува неговите адути во какви било преговори.

Вилдерс ги повика другите партии конструктивно да се вклучат во коалициските разговори. Питер Омцигт, поранешен центристички демохристијанин, кој за три месеци изгради своја партија, Нов социјален договор, и зазеде околу 20 места, рече дека секогаш ќе биде отворен за разговори.

Најблиската партија на Вилдерс беше сојузот на централно-левичарската Лабуристичка партија и Зелената левица, за која се предвидува дека ќе освои 26 места. Но нејзиниот лидер Франс Тимерманс јасно стави до знаење дека Вилдерс не треба да смета на коалиција со него.

„Никогаш нема да формираме коалиција со партии што се преправаат дека барателите на азил се извор на сета мизерија“, рече Тимерманс.

„А во наредните денови и недели сè повеќе ќе видиме колку е тешко, колку е важно, колку е суштинска нашата задача да застанеме во одбрана на Холандија во која не исклучуваме никого, да застанеме во одбрана на Холандија каде што ги прифаќаме сите што се залагаат за Холандија, каде што не гледаме какво е вашето минато, која е вашата религија, каква е бојата на вашата кожа“, додаде тој.

И покрај неговата остра реторика, Вилдерс веќе им се додворуваше на другите десни и централни партии велејќи дека што и да прави, „тоа би било во рамките на законот и уставот“.

Историската победа дојде една година по победата на италијанската премиерка Џорџија Мелони, чии корени од Браќата од Италија беа натопени со носталгија по фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини. Оттогаш, Мелони го ублажи својот став за неколку прашања и стана прифатливото лице на тврдокорната десница во ЕУ.

Вилдерс долго време ги напаѓаше исламот, ЕУ и мигрантите – став што го доближи до власта, но никогаш не го внесе во неа, во нацијата позната по компромисната политика.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој се фали дека ја претвори Унгарија во „нелиберална“ држава и има слични остри ставови за миграцијата и институциите на ЕУ, побрза да му честита на Вилдерс. „Ветровите на промените се тука! Честитки“, рече Орбан.

Во текот на последните недели од неговата кампања, Вилдерс донекаде го омекна својот став и вети дека ќе биде премиер на сите Холанѓани, толку многу што го доби подбивниот прекар Герт „Милдерс“ (нежен).

Изборите беа распишани откако четвртата и последна коалиција на премиерот во заминување Марк Руте поднесе оставка во јули, откако не се согласи со мерките за зауздување на миграцијата.

Изборите беа наречени тесна трка, но на крај Вилдерс лесно ги победи сите противници.

Резултатот е последниот во серијата избори што го менуваат европскиот политички пејзаж, вели АП. Од Словачка и Шпанија, до Германија и Полска, популистичките и тврдодесничарски партии триумфираа во некои земји-членки на ЕУ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ