недела, 1 декември 2024

САД: Блинкен побарал од Стејт департментот опции за признавање палестинска држава

Шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен побарал од Стејт департментот да спроведе ревизија и да претстави опции за можно американско и меѓународно признавање на палестинска држава по војната во Појасот Газа, кажале за Аксиос двајца функционери информирани за прашањето.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Додека американските функционери наведуваат дека нема промена на политиката, фактот што Стејт департментот воопшто разгледува такви опции сигнализира промена во размислувањето во администрацијата на претседателот Џо Бајден за можно признавање на палестинска државност, што е многу чувствително прашање и на меѓународен и на домашен план.

Со децении политиката на Соединетите Американски Држави беше да се спротивставуваат на признавање на Палестина како држава, и билатерално и во институциите на Обединетите нации, и да истакнуваат дека до палестинска државност треба да се дојде само преку директни преговори меѓу Израел и Палестинската управа.

Напорите за наоѓање дипломатски излез од војната во Газа ја отворија вратата за повторно размислување за многу стари американски парадигми и политики, кажал неименуван висок функционер на САД.

Администрацијата на Бајден ја поврзува можната нормализација меѓу Израел и Саудиска Арабија со создавањето пат за формирање палестинска држава во рамки на својата стратегија за периодот по војната во Газа.

Таа иницијатива е заснована на напорите на американската влада по 7 октомври, да преговара за широк договор со Саудиска Арабија чиј дел е мировен договор меѓу Ријад и Тел Авив.

Саудиските функционери по 7 октомври јавно и приватно даваат до знаење дека кој било договор за нормализација со Израел би бил условен со создавање „неотповиклив“ пат кон палестинска држава.

Некои во администрацијата на Бајден сега мислат дека признавање палестинска држава би можело да биде првиот чекор во преговорите за решавање на израелско-палестинскиот конфликт, а не последниот, кажал високиот американски функционер.

Постојат неколку опции за акција на САД по ова прашање, вклучувајќи билатерално признавање на држава Палестина, неспречување на Палестина во ОН или поттикнување други земји да ја признаат Палестина.

Американските функционери кажале дека разгледувањето на опциите во врска со признавањето палестинска држава е едно од бројните прашања кои Блинкен ги побарал во Стејт департментот.

Тој побарал и проценка на можноста за демилитаризирана палестинска држава, врз основа на други модели од целиот свет, кажале двата извори.

Идејата за демилитаризирана палестинска држава неколку пати ја предложи израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, меѓу 2009 и 2015 година, но во последните години не ја спомнува.

Целта на таа проценка е согледување на опциите како решение според моделот на две држави може да биде применето на начин да гарантира безбедност за Израел, кажал едниот американски функционер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ