Новоизбраниот претседател на САД Трамп, кој вети дека брзо ќе го заврши конфликтот, се враќа во Белата куќа во време на руска надмоќ на фронтот. Москва контролира дел од Украина со големина на американската сојузна држава Вирџинија.
Во првиот детален извештај за тоа што би прифатил Путин во каков било договор со посредство на Трамп, пет сегашни и поранешни руски функционери кажале дека Кремљ главно би можел да се согласи да го замрзне конфликтот долж линијата на фронтот.
Извори за Ројтерс тврдат дека можеби постои можност за преговори околу поделба на регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон.
Додека Москва тврди дека четирите региони се целосно дел од Русија, нејзините сили на теренот контролираат околу 80 отсто од територијата.
Русија исто така би можела да биде отворена за повлекување од релативно малите делови од територијата кои ги држави во областите Харков и Николаев, на северот и југот на Украина.
Путин месецов кажа дека секој договор за прекин на огнот треба да ја одразува „реалноста на теренот“, но дека се плаши од краткотрајно примирје кое на Западот само би му овозможило повторно да го вооружи Киев.
„Ако нема воена неутралност, тешко е да се замисли постоење на какви било добрососедски односи меѓу Русија и Украина“, кажа Путин.
Два извори за Ројтерс кажале дека одлуката на американскиот претседател во заминување Џо Бајден да ѝ дозволи на Украина да ја гаѓа Русија со американски ракети би можела да искомплицира и одложи секакво решение, како и да ги заостри барањата на Москва. Киев вчера за првпат употреби американски ракети за гаѓање руска територија.