сабота, 5 јули 2025

Киселоста на океаните и морето достигна критични нивоа, загрозени се екосистемите

Киселоста на океанската и морската вода веќе ја премина границата над која е загрозено здравјето на планетата, велат научниците по неочекуваното откритие.

Фото: Пиксабej

Објавено на

часот

Сподели

Светските океани се во полоша состојба отколку што се мислеше, истакнуваат научниците, предупредувајќи дека мерењата покажуваат дека „истекува времето“ за заштита на морските екосистеми, пренесува РТС.

Зголемувањето на киселоста на океаните, честопати наречено „злобниот близнак“ на климатската криза, се случува кога океанот брзо апсорбира јаглерод диоксид, кој потоа реагира со молекулите на водата, предизвикувајќи пад на pH вредноста на морската вода (што значи дека киселоста се зголемува).

Таква средина не одговара на морскиот живот, па како резултат на тоа имаме оштетени корални гребени и други океански живеалишта, а во екстремни случаи може да се распадне и хитинозната обвивка од морските суштества.

Досега, научниците не сметаа дека киселоста на океаните ги достигна планетарните граници, односно дека претставува нови ризици за планетата.

Планетарните граници претставуваат природни граници кои, кога ќе се преминат, можат да предизвикаат неповратни промени во екосистемите и климата, а со тоа и непредвидливи последици за човечкото општество.

Ова се границите на клучните глобални системи, како што се климата, водата и разновидноста на дивиот свет, над кои нивната способност да одржуваат здрава планета е во опасност од колапс. Надминувањето на овие точки го зголемува ризикот од генерирање големи, ненадејни или неповратни промени во животната средина.

Шест од девет веќе се надминати, предупредија научниците минатата година.

Сепак, нова студија спроведена од британската морска лабораторија Плимут (ПМЛ), Националната океанска и атмосферска администрација со седиште во Вашингтон и Институтот за морски ресурси на Државниот универзитет во Орегон покажа дека „границата“ за киселоста на океанот е достигната пред околу пет години.

„Киселоста на океаните не е само еколошка криза – тоа е темпирана бомба за морските екосистеми и крајбрежните економии“, рече професорот Стив Видикомб од Морската лабораторија во Плимут, кој е и ко-претседател на Глобалната мрежа за следење на киселоста на океаните.

Студијата се потпираше на нови и стари резултати од физички и хемиски мерења на примероци од глечери или други ледени наслаги, во комбинација со напредни компјутерски модели и студии за морскиот свет, давајќи им на научниците сеопфатна проценка на изминатите 150 години.

Беше откриено дека до 2020 година, просечната состојба на океаните ширум светот веќе беше многу блиску до, а во некои региони и над, планетарната граница за пе-ха вредноста на океанската вода.

Колку подлабоко оделе во океанот, толку полоши биле наодите. На 200 метри под површината, 60 отсто од глобалните води ја надминале „безбедната“ граница на киселост.

„Поголемиот дел од океанскиот живот не живее само на површината. Водата под површината е дом на многу повеќе различни видови растенија и животни. Бидејќи водата на длабочина толку многу се менува, влијанието на повисоката киселост на океанот може да биде многу полошо отколку што мислевме“, објаснува Хелен Финдлеј, професорка во Морската лабораторија во Плимут.

Според неа, ова имало огромни импликации за важните подводни екосистеми како што се тропските, па дури и длабинските корални гребени, кои обезбедувале основни живеалишта за бројни видови и места за развој на нивните млади.

Како што нивоата на пе-ха опаѓаат (односно, киселоста се зголемува), видовите како што се морските корали, остригите, школките и ситните мекотели познати како риби-пеперутки мора да се борат да ги одржат своите школки, или заштитни структури, што доведува до почувствителни мекотели, побавен раст, намалена репродукција и намалени стапки на преживување.

Авторите нагласија дека намалувањето на емисиите на CO2 е единствениот начин да се реши проблемот со зголемената киселост на морската вода на глобално ниво, но дека мерките за заштита можат и треба да се фокусираат на регионите и видовите кои се најранливи.

Џеси Тарнер, директорка на Меѓународната алијанса за борба против киселоста на океаните, која не беше вклучена во студијата, рече дека извештајот јасно става до знаење дека ни истекува времето и дека она што го правиме – или не го правиме – сега ја одредува нашата иднина.

„Се соочуваме со егзистенцијална закана додека се справуваме со суровата реалност дека многу погодни живеалишта за клучните видови веќе се изгубени. Јасно е дека владите повеќе не можат да си дозволат да го игнорираат зголемувањето на киселоста на океаните во нивните главни политички агенди“, изјави Тарнер.

Во Ница се одржува третата меѓународна конференција за океаните, под покровителство на ОН. По Њујорк и Лисабон, средбата посветена на зачувувањето на светските океани заеднички ја организираат Франција и Костарика, а домаќин е принцот Алберт од Монако.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ