„Никој нема да го одземе мирот и спокојството на венецуелскиот народ“, напиша Фреди Нанез, министерот за комуникации, во порака до новинарите на Телеграм.
Нанез во пораката рече дека електричната енергија е барем делумно прекината во сите 24 венецуелски држави.
Тој го окарактеризира исклучувањето како „очајнички“ обид на противниците на Мадуро насилно да го соборат претседателот.
Во текот на ноќта струја стигна до многу делови од главниот град по еднодневни спорадични прекини.
На државната телевизија, Мадуро им се заблагодари на граѓаните за трпението по хаотичниот ден кога бизнисите беа затворени, болниците се потпираа на резервните генератори и затворањето на метрото во Каракас остави десетици илјади луѓе заглавени.
Во 2019 година, во периодот на политички немири, Венецуела имаше постојани прекини на електрична енергија, за кои владата речиси секогаш ги обвинуваше своите противници, но енергетските експерти рекоа дека тоа се резултат на пожари на далноводи и лошо одржување на хидроцентралите.
Многу енергетски проблеми исчезнаа со стабилизирање на економијата на јужноамериканската земја, и кога високата инфлација се намали.
Сепак, по последните спорни претседателски избори од минатиот месец, официјалните лица повторно ги обвинуваат политичките противници за дури и помали нарушувања.
„Ова е постојана стратегија на опозицијата, непријателот на оваа земја, да влијае врз населението“, рече Диосдадо Кабело, новоименуваниот министер за внатрешни работи, кој важи за втор најмоќен човек во земјата.