Имено, ставката за плати и надоместоци во 2025 година треба да се зголеми за 8,1 насто, или за повеќе од 64 милиони евра, достигнувајќи вредност од 782,6 милиони евра. Треба да се има предвид дека дополнително, пари за плати се издвојуваат и преку блок-дотации. Порталот Пари направи анализа на податоците од предлог-буџетот за 2025 година, каде може да се видат просечните бруто-плати на сите институции кои се корисници на овие пари.
Анализата се ограничува на преглед на петте институции од администрацијата каде просечните плати се највисоки и на петте каде што платите се најниски. За да бидат износите поприемливи за пошироката јавност, аналзиата на платите е конципирана со наведување на бруто и на нето-износот на платите.
Според аналиата на Пари, на првото место по плати е Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Таму има 63 вработени, а просечната бруто-плата е 161.533 денари, односно во нето-износ, без данок и придонеси, на сметката на вработените во просек ќе легнат по 105.628 денари месечно.
На второ место е Советот на јавни обвинители. Таму има 16 вработени коишто може да се пофалат со просечна бруто-плата од 147.703 денари, или во нето-износ по 96.665 денари.
На трето место е Влада на Македонија. Таму има 359 вработени, со просечни плати од бруто-износ по 137.226 денари, односно просекот што им легнува секој месец на сметка во нето-износ е 89.877 денари.
Четвртото место по висина на платите му припаѓа на Собранието. Таму има 431 вработен, во чија бројка влегуваат и 120-те пратеници. Просечната бруто-плата е 134.078 денари, односно нето-просекот по вработен во 2025 година ќе биде 88.350 денари.
На петто место е Министерството за надворешни работи и надворешна трговија каде што работат 438 вработени заедно со вработените во странските амбасади и конзуларните претставништва. Тие во просек земаат по 130.654 денари во бруто-износ, односно по 85.618 денари во нето-износ.
Но, во анализата се наведуваат и оние кои се на крајот на листата на буџетските корисници, според висината на просечната плата.
Во Управата за водење матични книги има 369 вработени, а таму просечната бруто-плата во 2025 година ќе биде 50.809 денари. Со нето-износ на просечна плата од 33.878 денари, оваа институција е на последно место по плата од корисниците на централниот буџет.
На претпоследното место е Министерството за односи меѓу заедниците, со 290 вработени и просечна бруто-плата од 51.196 денари, односно во нето-износ 34.129 денари.
Едно од најбројните министерства, Министерството за социјална политика, демографија и млади, има 1.868 вработени со просечна бруто-плата од 53.684 денари, или во нето-износ 35.742 денари.
Во Државниот архив планираната бројка за наредната година е 266 работници. Тие ќе земаат просечна-бруто-плата по 54.237 денари, или без давачки, нето-износот е 36.099 денари.
Една подобра позиција во рангирањето на платите од дното кон врвот има Агенцијата за вработување. Таму бројот на вработени е 447, со просечна бруто-плата од 55.308 денари, или во нето-износ 36.793 денари.