15 дена пред да биде прогласен за мртов во руски затвор, Алексеј Навални ја почна својата последна акција против Владимир Путин.
Рускиот опозициски лидер последните недели од својот живот ги помина затворен во казнена колонија северно од Арктичкиот круг, озлогласено студено, опасно и непријатно место со услови толку екстремни што се еднакви на тортура.
Повеќе од една деценија, Навални беше најистакнатиот противник на рускиот претседател и најголемата политичка закана. Со текот на годините, тој беше ставан под државен надзор, физички напаѓан и затворан. А сепак, во јануари 2021 година, откако во Германија се опорави од за влакно избегнатото убиство со нервниот агенс новичок, тој одлучи да се врати во Русија, знаејќи дека најверојатно ќе биде приведен по пристигнувањето.
Затворен и често чуван во самица, Навални стана видно исушен за време на неговите три години во рускиот казнен систем. Но дури и изолиран на крајниот север на земјата, тој сè уште можеше да им пренесе пораки на своите поддржувачи, смислувајќи план за мобилизирање на опозицијата за време на претседателските избори овој викенд.
На 1 февруари, на неговиот профил на платформата за социјални медиуми Икс беше објавена порака што ги обележа неговите први инструкции пред претседателското гласање што се одржува викендов.
Полдень против Путина. 17 марта https://t.co/WseQhaFrj0
— Alexey Navalny (@navalny) February 1, 2024
„Ми се допаѓа идејата гласачите против Путин да отидат заедно на избирачките места во 12 часот“, напиша Навални. „Точно на пладне против Путин“.
Тоа беше привлечен план. Тој вид протест, серија флешмобови низ целата земја (голем навидум случаен собир на луѓе), би бил на национално ниво, легален и релативно безбеден. „Па што можат да направат тие?“, додаде Навални. „Ќе ги затворат ли избирачките места во 12 часот? Ќе организираат ли акција за поддршка на Путин во 10 часот? Ќе ги регистрираат ли сите што дошле напладне и ќе ги стават ли на списокот на луѓе на кои не може да им се верува?“
Одамна беше јасно дека изборите нема да бидат ниту слободни ниту фер: Путин ќе биде единствениот вистински кандидат, а сите негови истакнати критичари или мртви, затворени, во егзил или исфрлени од гласањето. Но со едноставно појавување во исто време, Русите би можеле да го искажат својот протест и да го раскринкаат изборниот процес, кој Кремљ го покрена како конечна акламација на Путин по неговиот напад врз Украина – како лажен.
Смртта на Навални нешто повеќе од две недели подоцна – официјално од природна причина, тврдење што жестоко го оспоруваа неговите поддржувачи и семејството, кои тврдат дека тој бил убиен – му даде нов поттик на движењето. Откако илјадници Руси излегоа на студот за време на неговиот погреб и положија купишта цвеќиња на неговиот гроб, повикот на Навални го презеде неговата вдовица и политички наследник Јулија Навалнаја.
„Алексеј ги повика луѓето да учествуваат во овој протест и затоа за мене лично ова е толку важно“, рече таа неодамна во видеото во кое ги повикува Русите да се приклучат на настанот „за Навални“.
„Сакам да го направам она што тој мислеше дека е правилно“, рече таа.
Погребен на московските гробишта Борисово, Навални останува најмоќниот соперник на Путин. Без разлика дали толпи Руси ќе го изразат своето несогласување в недела напладне или не, неговата смрт дополнително го нагласи Путиновиот недостиг од легитимитет.
„Дури и во смртта, Навални му нанесува максимална штета на Путин“, вели Максим Резник, колега опозициски политичар од кого Навални ја презел идејата „Пладне против Путин“.
„Тој го даде целиот свој живот за нашата слобода“, рече Резник. „Последното нешто што го направи е што побара од нас да му дадеме 30 минути.“
Руските Потемкинови избори
На гласањето овој викенд, кое почна во петокот и завршува в недела, Путин во суштина се натпреварува против своето минато јас.
Рускиот претседател – кој дојде на власт во 1999 година и никогаш не учествувал во ниту една изборна дебата – има цел да го надмине својот успех на последните избори во 2018 година, кога според официјалниот резултат доби рекордни 77 отсто од гласовите.
Еден уште подобар резултат би бил јавна потврда на тврдењето на Путин во февруари за време на неговиот годишен говор во Федералното собрание: дека неговата војна против Украина е поддржана од „апсолутно мнозинство Руси“.
Загарантираната победа на Путин се очекува да ја зголеми неговата самодоверба пред она за што аналитичарите предупредуваат дека би можело да биде понатамошна ескалација на репресијата и, можеби, втора мобилизациска кампања за војната во Украина.
Тоа се, исто така, први избори од 2020 година, кога Путин го прекрши уставот брзајќи да воведе промени што ќе му овозможат да се кандидира за уште два шестгодишни мандати.
„Целта е сето тоа да изгледа реално и да се создаде привид на мнозинска поддршка, да се прикрие во очите на Русите и надворешниот свет фактот дека Путин пред сѐ нема законско право да учествува на овие избори“, изјави Јекатерина Шулман, руска политичка аналитичарка во центарот Карнеги Русија Евроазија во Берлин.
„Овој ритуал се одржува затоа што тоа е начинот на кој тоа се прави во изминатите дваесет и пет години“, додаде таа. „Тоа е начин системот да притисне Control+S; повторно да се спаси себеси“.
Дмитриј Песков, портпаролот на Кремљ, минатото лето предвиде дека Путин ќе освои 90 отсто од гласовите, велејќи за државните медиуми дека неговиот шеф ќе биде реизбран „со огромна разлика, а самите избори, во теорија, се само дополнителен трошок“.
Путиновата „специјална изборна операција“
Кремљ ја користи секоја алатка со која располага за да го постигне посакуваниот резултат.
Тој подели моркови: во многу региони гласањето се третира како лотарија, а наградите се движат од кредити за јавен превоз и ваучери за кафулиња до паметни звучници, автомобили, па дури и станови. И мавташе со опасни стапови: на државните службеници, на вработените во државните компании и на студентите им беше строго наредено да гласаат.
Видеата што ги повикуваат Русите да гласаат се состојат слика за тоа што ја чека нивната земја доколку не учествуваат. Еден спот што кружи на про-Кремљ социјалните медиуми ги повикува Русите „Биди маж, оди гласај!“.
Црпејќи од хомофобијата, која стана столб на режимот на Путин, може да се види човек како си ги бричи нозете, се шминка и се заканува дека ќе измачува човек со џиновско дилдо.
Во методи за кои аналитичарите предупредуваат дека ќе се користат за зголемување на излезноста и за олеснување на манипулациите, Русите во 29 региони се повикани да гласаат по електронски пат, додека изборите се распоредени во три дена.
Потоа, тука е самото гласачко ливче. Покрај Путин, гласачите ќе имаат избор од три други имиња, поради што ова најкратката претседателска редица во модерната руска историја.
Тие го вклучуваат кандидатот на Комунистичката партија Николај Харитонов; лидерот на Либерално-демократската партија Леонид Слуцки; и Вјачеслав Даванков од партијата Нови луѓе.
Наводно, Даванков треба да ги привлече полибералните Руси, но неговиот манифест не е нешто многу прогресивен. Тој повикува на мир со Украина, но „по наши услови“; тој ја поддржа анексијата на украинската територија и законите за воена цензура; и беше коавтор на закон со кој се забранува операција за промена на полот.
Единствените кандидати што се изјаснија против војната – Јекатерина Дунцова и Борис Надеждин, кои се најдоа на светските насловни страници откако Русите што се против војната застанаа во редици пред неговите изборни канцеларии – беа дисквалификувани од технички причини.
„Она што ќе го видиме е всушност ‘специјална изборна операција’ со која Путин повторно го назначува Путин“, рече Резник, опозициски политичар во егзил во Вилнус, користејќи игра на зборови што се однесува на описот на Путин за војната во Украина како специјална воена операција.
Точно на пладне во Москва
Бидејќи нема кандидатура за неистомислениците, а изборите се одлучуваат во Кремљ наместо на избирачките места, „Пладне против Путин“ на Навални претставува една од ретките опции што им преостануваат на Русите што се против претседателот да го искажат своето незадоволство.
Како што напиша Навални во својот твит, флешмобот ќе ги спротивстави „вистинските гласачи наспроти фикцијата за електронско гласање“.
Смртта на опозицискиот лидер и толпите луѓе што се појавија на неговиот погреб, му дадоа нова димензија на овој трик.
Различни опозициски фигури сè уште предлагаат изборни стратегии: гласајте за друг (расипувач) кандидат освен Путин, како што е Даванков; гласајте за повеќе кандидати и со тоа поништете го гласачкото ливче; и целосно бојкотирате го гласањето.
Но тие и уникатно ги храбреа Русите да дојдат на гласачките места на пладне на 17 март, без разлика дали, и како, планираат да гласаат потоа.
„На погребот на Навални луѓето сфатија дека ги има многу и дека има начин да покажат дека нивното мислење е важно“, рече Дунцова, забранетата претседателска кандидатка, за Политико. „Во денешна Русија, редиците станаа симбол на несогласување, начин да го изразите својот граѓански став“.
Уште поважно, вели Политико, планот им овозможува на Русите да искажат протест без да ги прекршат законите за протести – дури и ако тоа не е гаранција за безбедност.
„Путин им го одзеде речиси секое право на руските граѓани, но засега го имаат ова“, рече Иван Жданов, сојузник на Навални, во видео на Јутјуб пред смртта на опозицискиот лидер.
Навалнаја го повтори повикот: „Што можат да направат? Да ги затворат избирачките места? Да не ве пуштат внатре?“, ги уверуваше таа гледачите во своето видеообраќање.
Сепак, планот можеби нема да се одвива како што се очекува. Присуството на погребот на Навални се сметаше за суштински морален чин, вели Шулман, но многу Руси што се против Кремљ не сакаат да бидат поврзани со избори што ги сметаат за корумпирани и валкани.
Исто така, постои ризик опозицијата да не ја постигне својата цел да прикаже големи толпи, имајќи предвид дека учесниците ќе бидат расфрлани низ стотици избирачки места низ целата земја.
Фјодор, московјанец во раните триесетти, чие презиме е анонимно од безбедносни причини, вели дека може да живее со таквиот исход. „Тоа ќе биде како локални минипротести“, вели тој за Политико. „Тоа е исто така добро, сè додека не се чувствувате сами“.
Властите, во меѓувреме, веќе преземаат мерки на претпазливост. Веб-страницата што ја користеше тимот на Навални за промовирање на флешмобите е блокирана; руските опозициски медиуми јавуваат дека државните службеници имаат конкретни упатства да гласаат во одредени денови и термини, најчесто во петок.
Неколку града, вклучувајќи ги Јекатеринбург, Новосибирск и Рјазан, најавија конкуретни прослави пред православниот пост в недела напладне, веројатно за да го одвлечат вниманието од флешмобот.
Резник вели дека дури откако ја изнел идејата за „Пладне против Путин“, некој посочил паралела со сличен повик за оружје во Полска во 1989 година. Постер со слоганот „Точно на пладне“ помогнал да се мобилизира опозицијата на комунистичкиот режим, што на крај довело до крајот на владеењето поддржано од Советскиот Сојуз.
„Не велам дека ние, како Полјаците, можеме да го собориме режимот“, рече Резник. „Но најмалку што можеме да направиме е да покажеме дека царот е гол“.