четврток, 21 ноември 2024

Последни обиди на Бајден да ја „заштити“ надворешната политика од Трамп

Функционерите на администрацијата на Џо Бајден, обесхрабрени по претседателските избори во вторникот, размислуваат како да ги заштитат своите приоритети во областа на националната безбедност пред новоизбраниот претседател Доналд Трамп во јануари да се врати во Овалната канцеларија. Без оглед дали станува збор за испраќањето средства на Украина или воведувањето нови санкции на екстремистичките израелски доселеници, на масата има низа опции, пишува Политико, повикувајќи се на упатени извори.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Висок функционер на администрацијата на Бајден кажал за порталот дека не постои конкретен план како клучните политики на Бајден да се заштитат од обидите на Трамп да ги демонтира, додека некои сметаат дека таквиот план не би дал значајни резултати.

Трамп, според бројни актуелни и поранешни американски функционери, сигурно брзо ќе го сопре или сврти повеќето од тоа што тимот на Бајден ќе успее да спроведе во текот на овие последни недели. Ќе има широки овластувања да го направи тоа, како и доволна поддршка од Конгресот и правосудството, што ќе значи дека речиси ништо нема да го сопре.

„Нема целосна заштита од Трамп“, кажал еден извор. „Можете само да го одложите влијанието на Трамп, да фрлите песок во тркалата, но нема начин нешто целосно да заштитите“.

Трамп, како што истакнува Ројтерс, се враќа на власт како лидер на Републиканската партија која во текот на последните осум години беше преобликувана по неговиот лик и како архитект на конзервативното правосудство кое придонесе на отстранувањето на неговите прави тешкотии. Неговите сојузници во последните неколку месеци внимателно ги бираа кандидатите за неговата администрација, со цел клучните позиции да ги пополнат доверливи соработници.

„Тоа се млади луѓе кои се повеќе во духот на МАГА (Да ја направиме Америка повторно голема). Повеќе МАГА и помалку републиканци од претходно“, вели за Ројтерс еден донатор кој сакал да остане анонимен.

Бајден и неговите соработници веќе преземаат чекори за да направат сè што е во нивна моќ да му помогнат на Киев. На пример, забрзано работат на тоа на Украинците да им го достават она што останало од 6 милијарди долари во оружје и опрема кои ги одобри Конгресот.

Европските лидери, кои вчера се сретнаа во Будимпешта, го повикаа Трамп да ја задржи поддршката на Киев, да се воздржи од нарушување на глобалниот поредок и да избегне царински трговски војни.

Покрај поддршката на Украина, враќањето на Трамп носи неизвесност и околу посветеноста на САД на НАТО.

Останува нејасно што ќе направи Трамп и дали воопшто ќе ги прекине испораките на оружје и договорите со американската одбранбена индустрија за нови системи за противвоздушна одбрана кои ќе стигнуваат во следните години. Сепак, како што истакнува Политико, Пентагон веројатно нема да успее да испрати сè што е ветено и целосно да ги испразни тие фондови до денот на инаугурацијата, имајќи предвид дека се потребни недели или месеци за муницијата и другата опрема да стигнат во Украина откако САД ќе ја објават испораката. Кога Трамп ќе стапи на должност, би можел да одлучи да не му го испрати тоа оружје на Киев, дури и ако е веќе ветено, оценува Политико.

Новоизбраниот американски претседател во кампањата кажа дека во рок од 24 часа може да ја сопре војната во Украина и навести дека ќе врши притисок врз Киев и Москва да постигнат мировен договор, а одделни Украинци стравуваат дека тоа може да значи дека ќе инсистира да ѝ дозволат на Русија да ги задржи териториите кои ги зазема.

Официјалниот став на Киев е дека нема застанување додека последниот руски војник не биде избркан од украинска територија.

Останатите области во кои администрацијата на Бајден би можела да се обиде да ги зацврсти своите промени вклучуваат преземање чекори во Обединетите нации против израелските населби на окупираниот Западен брег. Меѓутоа, Трамп би можел брзо да повлече многу, ако не и сите такви потези.

На седум дена пред изборите Трамп кажа дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „добро работи“, но дека „Бајден се обидува да го сопре, а веројатно би требало да му помага“. Претходно оваа година за израелската влада кажа: „Мора да го завршат она што го почнаа“.

Постојат области во кои Трамп би можел да се сложи со последните одлуки на Бајден, како острите мерки во трговијата или за Комунистичката партија на Кина.

Околу трговијата се очекува Трамп да ги обнови политиките кои ги фаворизираше за време на својот прв мандат, особено царините кои ги нарече „најубавиот аргумент“.

Тоа би можело да предизвика спор со Кина, втората по големина економија во светот, да ги загрози односите со сојузниците и да предизвика нарушувања во глобалните индустрии, од произведувачите на автомобили до произведувачите на чипови.

Администрацијата на Трамп прогласи дека Кина врши геноцид врз муслиманското ујгурско малцинство, ја додаде Куба на листата држави кои поддржуваат тероризам и ја означи јеменската милитантна група Хути како странска терористичка организација. Бајден поништи некои од тие потези, како одлуката дека Хутите се терористи, но многу задржа. Неговиот тим сметаше дека е политички неприфатливо да го направат спротивното, а во некои одлуки се сложуваа со одлуките на администрацијата на Трамп или политички им одговараа, како таа за Куба.

Еден функционер за Политико кажа дека администрацијата на Бајден нема да седи со скрстени раце во следните месеци, меѓутоа функционерите се свесни за своите ограничувања.

„Свесни сме за границите на нашата моќ и дострелот на моќта која Доналд Трамп ќе ја наследи на првиот ден“, кажал американски функционер за Политико.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ