недела, 1 декември 2024

Полска: Годините антигерманска пропаганда оставија трага

Ќе биде тоа кратка но значајна посета на западноевропските престолнини. Денес, 12 февруари, новиот полски премиер Доналд Туск прво во Париз ќе се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон, а потоа истиот ден заминува во Берлин каде ќе го дочека германскиот канцелар Олаф Шолц.

Објавено на

часот

Сподели

За либералниот полски премиер посетата на Берлин ќе биде особено чувствителна. Тој од една страна сака да го поправи нарушениот однос со Германија, но мора истовремено да внимава да не се приближи премногу до својот западен сосед.

Национално-конзервативната опозициска партија Право и правда на Јарослав Качињски, кој Туск го нарекува „германски агент“. Ќе го означи секој невнимателен чекор на берлинската сцена како „предавство на националните интереси“.

Качињски: Туск како Хитлер

Партијата на Качињски, која владееше со Полска во последните осум години, сериозно ја наруши позицијата на земјата во Европската Унија.

Се потпираше пред сè на блиското воено сојузништво со Соединетите Американски Држави, при што омилен партнер во Вашингтон ѝ беше Доналд Трамп, а ги расипа односите со Франција и Германија. Германско-полските односи пред доаѓањето на Туск беа во најголема криза од падот на Железната завеса.

Право и правда во предизборната кампања пред парламентарните избори во октомври минатата година дури ја прогласи Германија за најголема закана за суверенитетот на Полска, а Туск застапник на странски, односно германските интереси.

По поразот на изборите Качињски ја засили антигерманската реторика. Ги спореди обидите на Туск за враќање на владеењето на правото во земјата со методите на Адолф Хитлер.

Шолц честиташе и покани, Туск чекаше

Кога новата полска влада од левиот центар конечно даде заклетва кон средината на декември минатата година, ентузијазмот во Берлин беше очигледен. Канцеларот Шолц во Бундестагот спонтано му честиташе на новиот колега Туск на преземањето на власта и му понуди соработка. „Улогата на Полска и за Европа денес е поголема од кога било“, кажа Шолц, изразувајќи надеж дека Германија и Полска ќе ги унапредат билатералните односи „на база на рамноправност“.

Канцеларот кажа дека се надева дека ќе му посака добредојде на Туск во Берлин „во следните недели“.

Сепак, мораа да поминат речиси два месеци пред Туск да се упати во германската престолнина. Тешкиот процес на преземање на власта, отежнат и со политиката на тотална блокада од опозицијата, во почетокот надворешната политика ја потисна во втор план. Расправата во медиумите и првите чекори за обнова на владеењето на правото се сметаат за поважни од надворешнополитичките иницијативи.

Но, имаше и други причини. Туск се однесува крајно внимателно кон Германија за на десничарските популисти да не им даде повод за критики, вели Пјотр Бурас, шеф на варшавското претставништво на Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР).

Политикологот потсетува дека Туск во првото обраќање како премиер воопшто не ја спомнал Германија. Според него, редоследот на посетите – први Париз, па Берлин – не е случаен.

Антигерманско расположение во Полска

„Осумте години антигерманска пропаганда оставија длабока трага во општеството. Право и правда го наметна наративот во дебатите за Германија“, објаснува Бурас. Затоа Туск барем до европските избори во јуни ќе биде многу воздржан. „Нему му треба повеќе време“, истакна Бурас.

„Туск е некој вид заложник на реториката на опозицијата за Германија“, потврдува Агњешка Лада Конефал, заменичка директорка на Германско-полскиот институт (ДПИ) во Дармштат.

Истакнува дека германската страна добро ја разбира целата ситуација на шефот на полската влада. „Берлин не покажува разочарување, нетрпение или недоверба“, вели Лада Конефал. Германците сфатија дека на Варшава не смеат ништо да ѝ наметнуваат, дека „не смеат да се однесуваат како голем брат кој дава совети“.

И Бурас и Лада Конефал се сложуваат дека во германско-полските односи нема да има враќање на времето пред доаѓањето на Право и правда на власт.

Нема враќање на старо

По демократските промени во 1989 првиот некомунистички министер за надворешни работи Криштоф Скубишевски зборуваше за Полска и Германија како заедница на интереси, а подоцна дури зборуваше за судбинска поврзаност на двете земји. Големиот брат – Германија – стана заговорник на Полска и му ги отвори на помалиот брат ЕУ и НАТО.

„Денес сме во сосема поинаква ситуација“, истакнува Лада Конефал. Влијанието на Туск како искусен политичар кој пет години беше на челото на Европскиот совет енормно порасна. Улогата на Полска во светот значително се смени и поради брзата и голема воена помош за Украина и прифаќањето на милионите украински бегалци.

Во исто време, Германија изгуби голем дел од сјајот поради својата погрешна политика кон Русија и внатрешните проблеми во земјата. Односот на силите се промени во корист на Полска, оценува Дојче веле.

Во меѓувреме, процесот на нормализација меѓу двете земји почна со мали чекори. Полската влада најави дека ќе ги ослободи средствата кои претходната влада ги блокираше за наставата на германски јазик за децата на германското малцинство во Полска. А наскоро ќе биде одобрен германско-полски учебник за наставата по историја кој е блокиран од политички причини.

А како Дамоклов меч тука уште над германско полските односи виси прашањето на отштетата за полските жртви на војната. Минатата недела министерот за надворешни работи на Полска Радослав Сикорски апелираше до Германија да најде начин да го реши ова прашање.

Но, без оглед на сите затоплувања, веројатните односи меѓу Германија и Полска повеќе никогаш нема да бидат како во деведесеттите.

Истовремено, меѓутоа, новото раководство во Варшава е свесно дека, имајќи ја предвид кризата во САД, каде републиканците ја блокираат помошта за Украина, и сè поголемата агресивност на Русија, најголемиот интерес на Берлин сепак лежи во потесно сојузништво со Берлин и Париз.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ