недела, 1 декември 2024

Политико: Путин можеби е најпрелажаниот во неговиот лажен изборен триумф

Со официјални резултати што покажуваат дека освоил 9 од секои 10 гласа, дали рускиот автократ малку претерал?, прашува Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Најважниот исход од кои било руски избори е легитимноста“, им рече Владимир Путин на највисоките руски изборни претставници кога во ноември се собраа во неговата резиденција во близина на Москва. „Тоа е основата на политичката стабилност“.

Во неделата, по три дена гласање, истите тие функционери прогласија убедлива победа на претседателот, давајќи му рекордни 87 отсто од гласовите.

Нема сомнеж дека Путин ќе го искористи исходот како доказ за масовна поддршка. Но таквите изопачени избори – на кои сите противници беа здробени, па за него можеби гласаа дури и мртвите – ризикува да ја поткопа политичката стабилност што тој ја посакува.

Овие избори беа историското дно за постсоветска Русија, вели Политико.

„Со текот на годините, претседателската администрација создаваше сè поповолни услови за себе“, изјави Дејвид Канкија, од независната мониторинг група Голос, за Политико. „Но овојпат достигна невиден врв“.

Фото: ЕПА

Дури и без да се земе предвид кршењето на опозицијата, гласањето беше најнеконкурентно во модерната историја на Русија: само тројца кандидати на Кремљ го одвојуваа Путин од сталиновското гласачко ливче со едно име.

Тоа беше и најнетранспарентно: никогаш досега немало толку малку независни набљудувачи со толку мал пристап (значајно е тоа што шефот на Голос е во затвор.)

И во уште еден преседан, во околу 29 региони, вклучително и оние што се најсклони кон протести, гласањето се одвиваше по електронски пат, што независните изборни набљудувачи го опишаа како метод на „црна кутија“ наменет да го олесни манипулирањето на гласовите.

Но можеби најфлагрантното прекршување во „овој цел пејзаж на незаконитост“, вели Јекатерина Шулман, руска политичка аналитичарка во центарот Карнеги Русија Евроазија во Берлин, е гласачката армија од „мртви души“.

Ова особено важи за гласовите дадени од „новите територии“ окупирани од Русија во Украина, каде што изборните власти соопштија дека има околу 4,6 милиони потенцијални гласачи. Таа бројка одговара на старата украинска статистика од мирнодопски услови, но не и на сегашната популација.

„Очигледно во време на војна луѓето гинат, се селат“, вели Шулман.

„Чиста фантазија“

„Таму се води војна и нема јавна контрола“, се согласува Канкија, додавајќи дека на жителите не им треба ни руски пасош за да гласаат. „Значи, за каков резултат и да се одлучиле властите, го добиле. Тука влегуваме во сферата на чиста фантазија“.

Фото: ЕПА

Потоа, тука се десетиците милиони државни службеници и студенти што беа принудени да гласаат.

Парадоксално, редиците што можеше да се видат пред некои избирачки места во петокот – денот на кој на повеќето им беше наредено да гласаат, веројатно за да им се даде повеќе време на изборните претставници да го дотераат резултатот на задоволителни нивоа – всушност беа приказ на луѓе „лишени од нивното право на глас“, вели Канкија.

„Како во советско време, кога бевте принудени да гласате, сакале или не.“

Низ целата земја, на избирачките места, луѓето се облекуваа во костими, веројатно за да вбризгаат малку радост во изборите. Но ниеден циркус не можеше да го одвлече вниманието од групите идентично облечени фабрички работници, рибари и мажи на коњи што се појавија да го дадат својот глас во точно исто време.

„Убеден сум дека апсолутно мнозинство од Русите нема да имаат голема доверба во резултатите од ова гласање“, вели Канкија.

Иако ова е блескаво очигледен циркус, на Кремљ можеби не му е многу гајле.

Наместо на мерач на јавното расположение, изборите во Путиновото време личат на национален тест за подготвеност за државниот апарат. И овој пат, како и минатиот пат, тестот е положен.

Од државни компании до библиотеки, универзитети и фабрики, претпоставените им даваа инструкции на своите подредени како и кога да гласаат, а потоа ги малтретираа да им дадат доказ дека ја завршиле задачата.

Дури и на највисоко ниво, ниту еден од тројцата наводни ривали на Путин не се осмели ни да се преправа дека оди на победа.

Фото: ЕПА

Изминатите три дена гласање му дадоа на Путин гаранција дека вертикалата на моќта е на место и дека Русите ќе направат како што ќе им биде кажано.

За Кремљ тоа е корисна потврда пред она за што многумина предвидуваат дека ќе бидат турбулентни времиња. По изборите во 2018 година, на Русите им беа воведени болни пензиски реформи. Сега се очекува дека Путин би можел да ја засили мобилизацијата.

Во неделите и месеците што следуваат Путин ќе ја промени и владата, најверојатно во корист на тврдокорните, пишува политичката аналитичарка Татјана Становаја, додавајќи дека тие веројатно ќе ја удвојат посветеноста на Русија кон военодопската економија и военодопскиот морал.

Демонстрантите и елитата

Својот петти мандат Путин ќе го почне на крилата на најголемите антивоени протести од почетокот на 2022 година.

Одговарајќи на повикот да се соберат „напладне против Путин“, илјадници Руси во неделата, расфрлани низ околу 95.000 избирачки места и градови низ светот, излегоа во знак на несогласување.

По чекањето во редици за антивоениот кандидат Борис Надеждин и неодамна за погребот на Алексеј Навални, излегувањата на улица истакнаа дека и покрај невидената репресија, способноста на Русите да дадат отпор не е целосно атрофирана.

„Кремљ претрпе три удари врз својот имиџ“ за неколку месеци, рече Николај Петров, консултант во Чатам хаус.

„Имиџот што Путин го сакаше е уништен“, рече тој, иако додаде дека сè уште нема видливи политички последици.

На повеќе избирачки места низ земјата, некои луѓе се обидоа и да ги оштетат гласачките кутии и избирачките места, истурајќи зелена боја и мастило врз гласачките ливчиња или палејќи пожари.

Фото: ЕПА

Иако не е јасно што точно ги мотивирало тие луѓе (една од верзиите е дека биле измамени), многу набљудувачи ги виделе овие чинови на саботажа како израз на својот сопствен бес и фрустрација.

Конечно, многу Руси одлучија да го поништат своето гласачко ливче со штиклирање неколку имиња и додавање свои антивоени пораки или допишување на имињата на опозициските политичари, како што е Навални.

Тие пораки Путин нема да ги прочита, но ќе поминат низ рацете на илјадници изборни функционери – па и оние со повисок ранг.

„Главната публика за Кремљ е елитата, токму тие мора да бидат убедени дека позицијата на Путин во изминатите шест години не ослабнала, туку станала посилна“, рече Петров.

Но тој додаде дека нив би било тешко да ги измамат токму затоа што биле вклучени во местењето на гласовите и затоа знаат колку официјалната слика се разликува од реалноста.

Меѓутоа, Путин тоа нема да го знае – бидејќи неговите послушници несомнено ќе му претстават разубавена верзија на изминатите три дена.

„Тука може да дојде до голем раскол“, вели Петров. „Објективно, изборите не ја зајакнаа позицијата на Кремљ. Но субјективно, Путин може да има впечаток дека ужива целосна поддршка и дека сега има одврзани раце“.

Иронично, повеќе од кој било друг, самиот Путин е тој што би можел да биде најизмамениот од сопствените наместени избори.

„Доколку елитата види дека, под притисок на Кремљ, тие денес пријавуваат бројки што се многу различни од реалните бројки, тие ќе си извлечат заклучок“, рече Петров. „Ќе почнат да гледаат околу себе и ќе се прашуваат на кого би требало да се обложат дека ќе биде следниот шеф“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ