сабота, 16 ноември 2024

Почнува Неделата на италијанската кујна

Овогодинешната тема на 9. Недела на италијанската кујна во светот! – „Медитеранската исхрана и рецептите на нашите предци: Здравје и традиција“ – ја слави врската меѓу италијанската кујна, нејзините корени и здравјето, истакнувајќи ја суштинската улога на медитеранската диета како здрав и одржлив модел на живот.

Објавено на

часот

Сподели

Од 16 до 22 ноември, во Македонија ќе се прослави автентичната италијанска кујна со богата програма на настани посветени на уникатните вкусови, здравата исхрана и италијанската гастрономска традиција.

„Секое италијанско јадење раскажува приказна, а оваа година сакаме да ја издвоиме на преден план традицијата кои ја прави италијанската кујна уникатна. Ќе ја истражиме автентичноста на регионалните производи, улогата на италијанските заедници во странство за ширењето на италијанската аграрна и прехранбена култура и важноста на кујната како симбол на среќен, здрав и балансиран начин на живот“, најавуваат организаторите.

Неделата на италијанската кујна започнува со специјална промоција на италијански прехранбени производи и вина во супермаркетите на Тинекс (во Зебра и Тинекс Деликатесен), организирана од Италијанската трговска агенција ИТА, која ќе им овозможи на потрошувачите да дознаат повеќе за автентичните италијански производи кои се дел од културата и традицијата на Италија.

Медитеранската исхрана – нематеријално културно наследство на човештвото признаено од УНЕСКО и неоспорен синоним за здрав начин на живот – ќе биде протагонист на три настани организирани од Италијанската амбасада во Скопје, кои ќе се одржат во македонскиот главен град во среда на 20 ноември во склоп на IX Недела на италијанската кујна во светот.

Утрото, со почеток во 10 часот, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија ќе биде домаќин на семинарот насловен „Краток синџир на снабдување. Медитеранска исхрана: традиционална кујна со состојки од растително потекло со висока антиоксидантна моќ и здравствени придобивки” кој ќе го одржи проф. Паола Валдиночи, позната нутриционистка и научен консултант за исхрана на италијанското Министерство за земјоделство. Во обраќањето, експертката ќе ги илустрира основните концепти зад овој медитерански модел на исхрана што го прави еден од најефикасните за превенција на болести и одржување на здравјето, благодарение на балансот и разновидноста на намирниците кои ги содржат сите хранливи материи неопходни за здрав живот. Ќе се анализираат и карактеристиките на клучните состојки на медитеранската исхрана како овошјето и зеленчукот, полнозрнестите житарки, маслиновото масло, рибата и зачинити. Семинарот ќе биде посветен на операторите од прехранбениот сектор, но и на пошироката јавност.

Истиот ден во 13.30 часот на Хемискиот институт при Природно-математичкиот факултет во Скопје, професорката Валдиночи ќе одржи час на тема “Фитонутриенти во медитеранската исхрана како валидни анти-инфламатори за подобар животен век” кој ќе се фокусира на превентивните квалитети на овој режин на исхрана кој го намалува ризикот од појава на разни патологии. Настанот ќе биде наменет за студентите на Катедрата за биологија при ПМФ од Скопје, но ќе биде отворен и за студенти од другите катедри и за сите вљубеници во темата.

Вечерта во 20.30 часот, благодарение на соработката со Конфиндустрија Северна Македонија, ќе биде претставен настан посветен на вкусовите на италијанската традиција, со дегустација на најдоброто од производите и рецептите Made in Italy. Од аперитивот, па сѐ до десертот, на менито ќе се најдат неколку славни италијански гастрономски производи, кои се заслужни што италијанската кујна е најпозната и најсакана во светот. Меѓу другото, тоа се Пршута од Парма, Мортадела, Пармиџано Реџано, ладно цедено малсиново масло, балсамико оцет од Модена, песто џеновезе, страчатела, њоки, таљатели, сладолед, неаполско кафе и многу други.

Менито го креираа шефовите на ресторанот „Кај Џино” во соработка со генералниот спонзор на вечерта, италијанската компанија Каза Риналди (Casa Rinaldi), а со поддршка од конзорциумот Пармиџано Реџано, Ботега дел Вино, Бира Морети и кафе Борбоне.

Оние кои ќе ја пропуштат можноста да присуствуваат на гастрономската вечер, сепак ќе можат да ги вкусат специјалитети на италијанските менија кои ресторанот „Кај Џино“ ќе продолжи да ги нуди до крајот на месецов во чест на Неделата на италијанската кујна во светот.

На 21 ноември во 17.30 часот во винаријата на Супер Тинекс ТЦ Зебра, љубителите на виното ќе можат да дегустираат некои од најдобрите италијански вина достапни на продажното место, придружени со типични италијански предјадења, стои во соопштението од организаторите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ