сабота, 30 ноември 2024

Пендаровски додели „Медал за заслуги“ за Лечиќ, Буштур, Богоевски, Насев и Костовски

Објавено на

часот

Сподели

Во Кабинетот на Претседателот, Пендаровски со „Медал за заслуги за Македонија“ ги одликуваше Лазар Лечиќ, Благоја Георгиевски Буштур (постхумно), Владимир Богоевски, Насе Насев и Борче Костовски.

„Иако сме мала нација како број, можеме да бидеме горди на нашите врвни спортисти кои во индивидуалните и колективните спортови остварувале и остваруваат највисоки резултати. Претходно веќе имав можност на дел од нашите освојувачи на највредни олимписки медали да им доделам највисоки државни признанија. Денес уште пет наши спортисти, спортски работници, тренери и селектори кои стојат зад успехот на натпреварувачите, ќе добијат медали за заслуги“, рече Пендаровски.

„Како еден од најголемите и најпопуларни спортови на светско ниво, кошарката има богата традиција и популарност и кај нас. Едно од најзначајните имиња за развојот на македонската клупска и репрезентативна кошарка е секако нашата жива тренерска легенда Лазар Лечиќ. Со својата енергија и знаење за кошарката, а особено со својот препознатлив стил и лична харизма остави траен белег во историјата на македонскиот спорт“.

„Кога сме кај кошарката, не верувам дека има љубител на оваа динамична и возбудлива игра, кој не го знае името на Благоја Георгиевски – Буштур, кој, за жал, повеќе не е меѓу нас. Со својот вонсериски квалитет и луцидност во играта меѓу кошевите, Буштур ги достигна највисоките височини освојувајќи медали на најголемите натпреварувања. Денес со посебен пиетет постхумно му доделуваме Медал за заслуги“.

„Меѓу колективните спортови еден од најмасовните и најпопуларните е одбојката. Среќни сме како нација што го имаме нашиот спортски великан Владимир Богоевски кој беше играч од светска класа, успешен тренер и подоцна посветен спортски работник, освојувач на бројни медали, трофеи, награди и признанија. За сиот негов придонес за одбојкарскиот спорт и македонскиот олимпизам денес симболично му се заблагодаруваме со доделување на Медал за заслуги“.

„Освен великаните во колективните спортови, имаме особено значајни постигнувања и во индивидуалните спортови. Нашиот најуспешен спорт е борењето во слободен стил. Зад најголемите дострели на нашите борачи, меѓу кои и првиот освоен медал за независна Македонија на олимписките игри, стои името на долгогодишниот селектор Насе Насев. Со својата професионална работа и неуморен ангажман тој успеа да го издигне борењето во слободен стил, не само во најуспешен спорт меѓу боречките спортови, туку воопшто во сите спортски дисциплини. Не смееме да го заборавиме и неговиот долгогодишен ангажман и придонес во работата на Македонскиот олимписки комитет“.

„Со боречките спортови е врзан и нашиот најголем успех на олимписките игри како самостојна држава. Среброто на Дејан Георгиевски во Теквондо на Олимписките игри во Токио ја сплоти нацијата и ги израдува македонските граѓани. Најзаслужен за овој успех, за создавањето на македонскиот шампион е тренерот Борче Костовски, кој верувам дека допрва во иднина, со своите ученици ќе постигнува врвни  резултати на големите натпреварувања и повторно ќе не прави горди“.


 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ