Причина за протестот, како што појасни Гаспар, е тоа што немаат одговор на дописот што, неделата пред Велигденските празници, го пуштиле до сите институции, за да им одговорат, до каде е работата околу случајот со набавката на лекот „трикафта“.
„Сѐ уште немаме одговор, иако, неофицијално, преку одредени луѓе слушаме дека работата се движи и дека имаат иницијатива и дека работат на целата проблематика. Но, проблемот е што ние сѐ уште немаме добиено допис“, информираше Гаспар.
Тој нагласи дека, доколку нема јасни насоки што се случува, тогаш останува работата да се оди на протест во среда на трети мај во 12 часот, пред Министерството за финансии.
„Зошто пред Министерството за финансии? Затоа што сметаме дека доколку се обезбеди буџетот, работите ќе бидат многу побрзи“, соопшти Гаспар.
Неофицијално, како што додаде Гаспар, наводно вчера на Влада поминало, уште 18 пациенти да добијат лек.
„Тоа е за поздравување, но, ние апелираме дека го бараме за сите пациенти. За да нема несигурност и страв кај пациентите. Ако е точно, ќе има страв дали се во таа бројка, кога ќе дојде за нив. Утре мислам дека ќе има состанок во Министерството за здравство, сѐ уште чекаме да биде поканет наш претставник“, подвлече Гаспар.
Тој кажа дека мисли оти лекот е соодветен за 80 пациенти. Во моментов, „трикафта“ примаат 12 пацинети.