Одбележувањето 75 години од усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права на ОН, мора да послужи не само како потсетник за важноста, уникатноста и безвременската вредност на овој документ, туку и како нов поттик да ги зголемиме нашите напори во промовирањето и заштитата на човековите права, рече министерот Османи.
Како што се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи, тој денеска во обраќањето пред високите владини претставници на земјите членки на ОН ги презентирал и заложбите на Македонија во однос на човековите права и при тоа повикал да се направат напори преку постапките да се ревитализираат вредностите на Декларацијата.
„Мора да испратиме порака дека секој од нас треба повеќе да се ангажира за благородната кауза на човековите права“, изјавил Османи.
Шефот на дипломатијата, во рамки на овој настан на високо ниво презентирал пет национални заложби во однос на човековите права за чија реализација, како што кажал, Македонија посветено работи.
Меѓу нив се зголемување на довербата на јавноста во системот на управување преку унапредување на транспарентноста и отчетноста на Владата со усвојување и спроведување на нова Стратегија за транспарентност до 2026 година и забрзување на дигиталната трансформација за понатамошно подобрување на услугите фокусирани на луѓето и квалитетни услуги до 2027 година, со што ќе се зајакне отпорноста на сајбер заканите и ќе се работи на подигање на свеста за сајбер безбедноста.
„Справување со корупцијата и подобрување на интегритетот на систематски начин, како и зајакнување на меѓуинституционалната координација и размена меѓу различни владини институции, обвинителството и судството, трансформативна промена во животот на лицата со попреченост преку воспоставување политики и услуги за инклузивна попреченост, вработување и трансформирање на сите станбени институции во услуги засновани на заедницата и постигнување значајни и одржливи судски реформи преку спроведување на нова Стратегија за реформи во правосудството до 2027 година“, изјавил Османи и истакнал дека целта е зајакнување на независноста, непристрасноста и интегритетот на судството.
Министерот сподели и фотографии од средбата во Женева со првиот човек на Светската здравствена организација, д-р Тедрос Андом, подвлекувајќи дека се работи за средба на двајца лекари и дипломати и изразувајќи огромно задоволство од разговорот со него.
„Спојот на медицината и дипломатијата придонесоа за продуктивна средба со акцент на многу теми посветени на визијата – здравствена заштита за сите, како една од работите што им се важни на луѓето, затоа што на крајот на денот За луѓето се работи’ (слоганот на македонското претседателство со ОБСЕ чиј претседавал е Османи, н.з.). Благодарност за придонесот на д-р Тедрос и СЗО за време на пандемијата со ковид-19. Ќе продолжиме со нашата меѓусебна соработка со крајна цел зајакнување на здравствената заштита како основно човеково право, кое придонесува за сеопфатна сигурност на луѓето“, напиша Османи на Фејсбук.