петок, 6 декември 2024

Орбан: ЕУ не може сама да ја финансира војната на Украина против Русија

Европската Унија треба да ја преиспита својата помош за Украина по победата на републиканецот Доналд Трамп на претседателските избори во САД, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан, додавајќи дека Европа не може да го „финансира“ Киев во борбата против Русија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Премиерот на Унгарија, која претседава со ЕУ до крајот на годинава, е домаќин на неформалниот самит на Унијата во Будимпешта. Едно од главните прашања на самитот ќе биде иднината на помошта за Украина по победата на Трамп.

Републиканецот го критикуваше нивото на американската помош за Киев, а за време на претседателската кампања вети дека ќе ѝ стави крај на војната уште пред официјално да ја преземе функцијата на 20 јануари, но не откри како.

Европските земји не успеваат да постигнат единство по прашањето за Украина, а ситуацијата дополнително се комплицира со внатрешнополитичките превирања кај двете најсилни членки – слабеењето на француската влада по предвремените избори и падот на германската владејачка коалиција.

„Американците ќе ја напуштат оваа војна, но прво нема да ја охрабруваат“, рече Орбан истакнувајќи дека „воениот пораз“ на Украина е „очигледен“.

„Европа не може сама да ја финансира оваа војна. Некои сè уште сакаат да праќаат огромни суми пари за оваа изгубена војна, но расте бројот на оние што молчат или претпазливо предупредуваат дека прво треба да се приспособиме на новата ситуација“, додаде Орбан во разговор за едно унгарско радио, како што пренесува Ројтерс.

ЕУ и нејзините членки се, заедно со САД, најголемиот донатор на Украина, а повеќето европски лидери изразуваат силна поддршка за Киев и продолжување со помошта.

Германскиот канцелар Олаф Шолц во петокот во унгарската престолнина го повтори тој став, но нагласи и дека Европа треба да ја зајакне одбраната. „Русија ја нападна Украина и исто толку брутално ја продолжува таа војна“, рече германскиот лидер.

„Едно прашање е сосема јасно: заедно како Европска Унија, како Европејци, мораме да направиме сѐ што е потребно за нашата безбедност. Тоа ќе биде особено успешно ако секој даде придонес.“

Орбан повика на итен прекин на огнот во Украина, по што би следувале мировни преговори меѓу Киев и Москва. Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така во Будимпешта, ги отфрли тврдењата.

„Тоа е многу страшен предизвик за нашите граѓани: прво примирје, а потоа ќе видиме. Кој сте вие? Дали вашите деца умираат?“, праша тој на прес-конференцијата во четвртокот само неколку минути по повикот на Орбан за примирје. „На примирје, да кажеме, повикува лидер што е против Украина да влезе во НАТО. Замислете… Ова се бесмислици и раздор“, додаде Зеленски.

На состанокот на европските лидери само Орбан и словачкиот премиер Роберт Фицо повикаа на промена на стратегијата кон Украина, додека другите сметаат дека таа функционира, рекол изворот за Ројтерс.

Но и тие се свесни дека се соочени со можност за намалување на американската помош за Украина и дека треба да почнат да зборуваат за одговор на тој факт.

Фицо, кој ја прекина помошта на својата земја за Украина откако дојде на власт пред една година, рече дека Словачка ќе се спротивстави на идејата ЕУ да преземе „финансиска одговорност“ за Украина доколку Трамповата Америка ја прекине својата помош.

Во објава на својот фејсбук-профил, Фицо рече дека ако ЕУ може да најде средства за Украина, тогаш тоа може да го стори и за борбата против илегалната миграција, која ја смета за „егзистенцијална закана“ за алијансата.

Орбан, пак, смета дека „најголемиот проблем на Европа“ е тоа што ги игнорира оние со кои треба да се консултира, пренесува унгарската агенција МТИ.

„Ако не одите во Москва, Киев и Пекинг, ако го критикувате и презирате Доналд Трамп наместо да го третирате како следниот американски претседател, како мислите да ја планирате иднината?“, праша Орбан во радиоинтервјуто.

Осврнувајќи се на посетите на Киев и Москва и разговорите со лидерите на Турција и Кина, вклучително и актуелниот американски претседател Џо Бајден и тогаш кандидатот Трамп, Орбан рече дека поднел извештај до своите европски колеги.

„Сега ситуацијата е точно како што предвидовме. Ниту еден лидер не може да каже дека бил изненаден или дека очекувал поинаку, бидејќи резултатот на унгарската мировна мисија беше дека сето тоа може да се предвиди“, рече тој.

Ова не беше затоа што Унгарците „ја гледаат иднината или се вешти во предвидување на броевите на лотарија“, туку затоа што „преку комуникацијата се дознава што ќе се случи понатаму“, продолжи Орбан.

За Трамп, чија победа е толку убедлива што „се гледа од Марс“, Орбан вели дека ќе води „мир наместо војна“, „антиимигрантска политика наместо миграција“ и „ќе ги штити семејствата наместо полот“.

Политиката на новиот американски претседател „ќе донесе промени во светот и Европејците ќе мора да реагираат“, заклучи тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ