четврток, 12 декември 2024

Одржана првата седница на Советот за координација на активностите поврзани со членството на Македонија во НАТО

Денеска се одржа првата седница на Советот за координација на активностите поврзани со членството на  Македонија во НАТО, во новиот состав на Владата.

Објавено на

часот

Сподели

Седницата ја водеше претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во својство на претседавач на советот, на која присуствуваа сите членови на советот, како и амбасадорите на земјите-членки на НАТО во земјата, на негова покана.

Претседателот на Владата, Мицкоски, ја истакна важноста од нашето членство во НАТО, како и блиската меѓуинституционална координација во рамките на Владата, по значајни прашања од агендата на НАТО и реализацијата на нашите обврски кои произлегуваат од членството во Алијансата.

„Како кредибилен сојузник, нашата земја останува посветена кон својата определба за придонес за зачувување на колективната безбедност и регионалниот мир, стабилност и просперитет. Воедно, согласно нашите можности и капацитети, остануваме посветени за обезбедување на одржлива поддршката за Украина и нејзините стремежи за постигнување  мир. Импликациите од актуелните глобални безбедносни предизвици бараат обединет и силен одговор од сите членки на Алијансата. Во оваа прилика упатуваме благодарност до сојузниците со кои заеднички ги споделуваме евроатлантските вредности и одговорности за нашата заедничка безбедност и стабилност, како и за поддршката која ја даваат за зајакнување на националните капацитети и одржување на нивото на подготвеност како земја членка на НАТО.”, истакна Мицкоски.

На седницата се обрати и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во својство на копретседавач со советот, со порака дека „наша цел е да се фокусираме на воспоставување на целосно функционална, ефективна и одржлива структура, каков што е Советот, во насока на натамошно зајакнување на нашите институционални капацитети, креирање политики и дефинирање на ставови, подеднакво важни за земја и за Алијансата“.

Свое обраќање на седницата имаше и министерот за одбрана Владо Мисајловски,, исто така во својство на копретседавач со советот, кој информираше дека се дискутирало за тековните прашања од значење на одбраната и безбедноста на државата за кои се побарува сеопфатен пристап, усогласени ставови и координиран настап во НАТО-контекст.

Во оваа прилика членовите на советот, имаа можност да разменат мислења за актуелните безбедносни состојби, вклучително и реализацијата на одлуките донесени на Самитот на НАТО во Вашингтон, како и за состојбите во Украина, нашите заложби за обезбедување долгорочна поддршка на Украина, како и за исполнувањето на нашите обврски за промовирање на безбедноста на регионално и глобално ниво заедно со другите сојузници во НАТО.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ