петок, 13 декември 2024

Хутите тврдат дека урнале американски дрон над Јемен

Јеменската милитантна група хути објави денес дека соборила американско беспилотно летало ем-јку-9 во покраината Ал Џаф, на северот на Јемен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Противвоздушната одбрана на групата успешно собори американско беспилотно летало ем-јку-9 кое изведуваше непријателски операции над покраината Ал Џаф во петокот рано наутро“, кажа портпаролот на војската на хутите Јахја Сари во Сана на демонстрација на солидарност за Палестина и Либан.

Сари додаде дека со тоа вкупниот број на американски дронови соборени од противвоздушната одбрана на хутите пораснал на 12 од 7 октомври 2023 година.

Пентагон не го коментираше инцидентот.

Покрај тоа, хутите објавија дека американско-британската коалиција извршила два воздушни напади на округот Ал Тухајта во покраината Ал Худајда, долж јеменскиот брег на Црвено Море. „Воени авиони на американско-британската коалиција извршија два воздушни напади“, јави телевизијата Ал Масира поврзана со хутите.

Од почетокот на 2024 коалицијата предводена од САД врши воздушни напади против локации на хутите во делови на Јемен, како одговор на нападите на бродовите во Црвено Море и Аденскиот залив. Групата повремено возвраќа со противнапади.

Во знак на солидарност со Палестинците, против кои израелската војска води војна во Појасот Газа од октомври минатата година, хутите со ракети и дронови ги гаѓаат израелските бродови или оние кои се поврзани со Тел Авив.

Хутите објавија дека сите американски и британски бродови ги сметаат за легитимни цели.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ