вторник, 26 ноември 2024
Претседателкски избори 2024

Османи: Охридскиот рамковен договор да стане политичко движење

И покрај ограничената моќ, како иден претседател ќе станам авторитет кој ќе ги обедини различните политички и етнички наративи и активен адвокат на правата на граѓаните, во борба против која било форма на дискриминација, вели кандидатот за претседател од Европскиот фронт, Бујар Османи на јавната дебата по повод одбележување на 8-ми април – Меѓународниот ден на Ромите.

Објавено на

часот

Сподели

Османи истакна дека целта на „Европскиот фронт“ е Охридскиот рамковен договор да го претвори во политичко движење.

„Одбележувајќи го овој ден, стојам пред Вас, не само како кандидат за претседател на Република Северна Македонија, туку како еден посветен адвокат на создавање на еднаква држава, со еднакви можности за сите граѓани“, рече Османи образложувајќи дека разликата меѓу едно општество за сите и еднакво општество за сите е дека во првиот концепт најбројните ќе доминираат додека на вториот, без разлика на бројот на припадниците на одредена етничка припадност, сите се еднакви во правата и привилегиите.

Османи ја опиша ситуацијата на која се наоѓаат Ромите и презентираше конкретни решенија за подобрување на нивната позиција, меѓу кои ангажирање на главен советник во кабинетот на претседателот за ромските прашања, создавање на механизми за пристап на Ромите до здравствените услуги со фокус превентивно здравство, задолжително пред-школско образование со што државата да обезбеди доволно градинки, воведување на програма за професионална обука на Ромите за стекнување вештини компатибилни со пазарот на трудот со цел намалување на невработеноста…

„Овој ден е ден кога не треба да ги ублажиме ставовите, тука да ја кажеме реалноста. Ромите имаат помал животен век, отколку другите етнички заедници. Ромите имаат поголема смртност на новороденчиња. Ромите имаат многу повеќе хронични заболувања отколку што имаат другите етнички заедници. И тоа не е генетика. Тоа се само услови коишто ги создава државата за пристап до превентивна нега, здравствени услуги. Тоа мора да се констатира. Ромите се дискриминирани“, рече Османи.

Претседателката на партијата Унијата на Ромите, Фатима Османовска потенцира дека гледа оптимизам оти со Европскиот фронт, гласот на Ромите ќе биде слушнат.

„Искрено многу верувам дека овој глас што тргнува од нас не само што ќе биде слушнат, туку ќе биде ставен и во програмата на идната влада и ќе биде реализиран. Верувам дека оваа ќе биде преточено во една политика владина и дека конечно, после 4 години на 8-ми април ќе може да говориме што сме направиле. Верувам во заложбите на претседателот иако е мала моќта на претседателот, сепак верувам на моќта на индивидуата и авторитетот што го има. Бујар има авторитет стекнат низ своето политичко досегашно искуство за да може да го пренесе гласот на нас како заедница“, рече Османовска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ