недела, 20 октомври 2024

Оштетените од Ласкарци бараат најстрога казна за обвинетите, бранителите велат, нема докази

Оштетени, родители и роднини на загинати во сообраќајната несреќа кај Ласкарци од Основен кривичен суд Скопје бараат шестмината обвинети да бидат осудени со најстрога казна. На вчерашното рочиште, тие во своите завршни зборови побараа правда, за како што рекоа, оние кои немаа среќа да преживеат. Бранителите на првообвинетиот, сопственикот на компанијата Дурмо турс , Дурмиш Белули, во чиј автобус во незгодата што се случи во февруари 2019 година загина 16 луѓе, а над 30 беа повредени, рекоа дека во постапката не се докажало ниту едно дејствие за кое е обвинет Белули. На следното рочиште, на 21 декември завршни зборови треба да даде одбраната на останатите петмина обвинети.

Објавено на

часот

Сподели

Јасмина Михајловска, една од повредените во незгодата, побара правда за шестнаесетмината за кои, како што рече, ја немаа нејзината среќа да останат живи.

„Поради сообраќајката имам скршена р’бет и никогаш нема да можам да одам нормално. Среќа останав жива. Ако не за мене, за тие 16 души што ја немаа мојата среќа, барам да се осудат сите шестмина обвинети“, рече таа.

Благојче Трпевски, татко на Јовица Трпевски, загинат во сообраќајната несреќа побара најстрога казна, како што рече, со цел во иднина да не се повтори ваква трагедија и наредните генерации да извлечат поука од оваа трагедија.

„Ние нашите деца нема да ги вратиме, за тоа сме свесни иако нашиот живот, на цело семејство се претвори во пекол. Ништо не може нашата трагедија да ја надомести, ниту материјално, ниту не знам какво било. Сите шест обвинети се изјаснија дека се невини. Јас прашувам како се случи и како дојде до оваа незгода да загинат 16 невини луѓе. Затоа барам уште еднаш, имате и вие деца, сите ние имаме деца, оставам на ваша совест да донесете правична, меѓутоа строга казна за сите шест обвинети“, рече тој.  

Соња Аврамовски, мајка на загинатиот Бобан Аврамовски, исто така побара најстрога казна.  

„Барам за сите шест обвинети да се донесе најстрога казна имајќи ги предвид отежнителните околности за сите шест обвинети со претходни криминални дејствија. Со нивното незаконско и неодговорно работење доведоа до ваква трагедија. Животот ни го претворија во пекол во овие пет години и наредните додека сме живи“, рече таа, дополнувајќи дека бара на обвинетите да им се изрече и забрана за вршење на дејност.

Кон обвинението се приклучи и Синиша Ристовски, брат на починатиот Дејан Ристовски, и истакна дека вината е кај сите шест обвинети и побара  најстрого да бидат санкционирани.  

„Во мое име и во име на внуките Бисера и Петра, малолетни девојчиња кои останаа без татко, и во име на мојата сестра, снаа и цела наша фамилија, целосно се согласуваме и се придружуваме кон обвинителниот акт на јавниот обвинител во кој вината е кај сите шест обвинети и бараме од вас најстрого да бидат санкционирани“, рече тој.

Бранителите на првообвинетиот, сопственикот на компанијата Дурмо турс , Дурмиш Белули, во чиј автобус во незгодата што се случи во февруари 2019 година загина 16 луѓе, а над 30 беа повредени, рекоа дека во постапката не се докажало ниту едно дејствие за кое е обвинет Белули. 

Адвокатот Дељо Кадиев, во завршниот збор наведе дека гледано од самиот почеток на овој предмет, сѐ до неговиот крај, станува збор за обвинение кое тешко може да го понесе товарот на докажување.  

„Обвинение кое оди во крајност и сакаше вината да ја најде и кај возачот и кај други лица кои требало да обезбедат исправност на автобусот. Обвинение, кое уште на самиот почеток беше невозможно целосно да се докаже, бидејќи е логично ако возачот е крив или несреќата настанала како резултат на негово невнимание, никој друг не треба да биде крив. Или, пак, ако несреќата е резултат на неисправност на автобусот, тогаш барем возачот не требало да биде обвинет“, изјави Кадиев.  

Одбраната на Дурмиш Белули, нагласи тој, смета дека во поглед на првообвинетиот не се докажа ниту едно дејствие за кое е обвинет.  

„Сметаме дека не се докажа дека постои причинско последична врска помеѓу она за што е обвинет Дурмиш Белули со последицата што е настаната“, изјави Кадиев.  

Според него, изнесените докази не покажале никаква причинско последична врска на тоа што возачите сами ги пополнувале налозите и тоа што управувањето со возниот парк и организација на возачите било препуштено на второобвинетиот Ремзи Мифтари со настанатата сообраќајна незгода.  

„Тие може да бидат третирани само како прекршоци за кои овој суд во оваа постапка не може да суди“, рече Кадиев.  

Одбраната на Дурмиш Белули, смета дека прв логичен заклучок што може да се изведе од доказите и супервештачењето, е дека возачот на автобусот изгубил внимание во одреден момент, по што не ја прател закривеноста на патот со што автобусот ги пробил заштитните огради и паднал во бездна. 

„Заради тоа отсуство на внимание, ниту вртел со воланот, ниту кочел. Овој наш заклучок што го изведуваме од вербалните докази подоцна во целост се потврдува со супервештачењето“, изјави Кадиев.   

Според адвокатот Лавдрим Сефери, исто така бранител на првообвинетиот, Јавното обвинителство не докажало што точно се случило на денот на несреќата. 

„Не знаеме што се случи поради едноставна причина, тој што беше задолжен сите овие патници да ги однесе кај своите семејства во Гостивар, процени дека неговата слобода е поважна од останатите загинати и повредни патници и одлучи да се брани со молчење“, рече тој.

Според Сефери, нема докази дека неисправностите на автобусот биле директна причина за незгодата, туку тоа што, како што рече „немало никаква реакција на возачот“.

„Пред нас имаме обвинение кое се базира на претпоставка дека незгодата се случила поради техничката состојба на возилото. Единственото соодветно вештачење кое на правниците им служи како патоказ е сообраќајното вештачење кое дава одговор за причинско-последичната врска на незгодата“, наведе тој во завршните зборови.

Обвинетиот Дурмиш Белули во завршниот збор изрази сочувство на семејствата на загинатите и истакна дека жали за тоа што се случи.

„Мојот живот веќе нема смисла, јас сум душевно скршен и потресен затоа што болката е многу голема. Од судбината бегање нема, се случи несреќа, трагедија“, рече тој.

Белули посочи дека е заинтересиран која била причината за несреќата и го повика шестообвинетиот, возач на автобусот, кој се брани со молчење, да излезе, и, како што рече, „да ја каже вистината“.

Во својот завршен збор тој се осврна на изјавите кои наводно ги давал шестообвинетиот, возачот Маноил Трифуновски и истакна дека смета дека товарот за несреќата во овој случај го носи само шестообвинетиот.

Белули од судот побара да биде ослободен.

Претходно, јавниот обвинител, Дарко Јакимовски, во своите завршни зборови побара најстрога казна за обвинетите во случајот „Ласкарци“. Според него, кај сите обвинети постоела безобѕирност во постапувањето и било прашање на време само по која основа, како што рече „хаосот на работењето да резултира со вакви или слични последици“.

Во завршните зборови обвинителот истакна дека изведените докази во текот на расправата, надвор од разумен сомнеж покажуваат дека дејствијата на сите обвинети се во директна врска со последицата која резултираше со 16 лица кои загинаа.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата Дурмо турс, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Според Кривичниот законик, за кој се товарат обвинетите, казната затвор изнесува најмалку четири години.

На следното рочиште, на 21 декември завршни зборови треба да даде одбраната на останатите петмина обвинети.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ