понеделник, 11 ноември 2024

Од судењето за двојното убиство на Вања и Панче: Истрагата била насочена и кон виртуелно момче на Вања од Шведска

Денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжува третото рочиште од судењето на петмината обвинети за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Во првиот дел од рочиштето сведочеше Дејан Димовски, началник на единицата за насилен криминал во МВР. Меѓу другото тој кажа дека му било чудно однесувањето на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски и за тоа наведе неколку примери.

Објавено на

часот

Сподели

На 27.11.2023 вечерта, инспекторот Каришиќ му рекол на Димовски дека ќе мора да се помогне, зашто родителите велеле дека девојчето Вања може да е грабнато и киднапирано.

„Отидовме во ПС Центар, беше и Кирчо Даневски, началник на СВР Скопје и други. Одржавме состанок и одлучивме поради некои нелогичности во информациите да ги викнеме доцна ноќта: мајката, таткото, директорката и класната на Вања. Ни беше чудно како мајката уште утрото во 8:23 напишала дека девојчето е киднапирано. По разговорот со нив ги расчистивме тие работи и тогаш почнавме да разговараме со Зорица, Александар и Миња, за да добиеме сознанија за семејството и за Вања. Доцна во ноќта Каришиќ и Александар отидоа да ја бараат на неколку локации. Тоа беше околу полноќ. Колегата Каришиќ ми кажа дека му било чудно однесувањето на Александар, кој упорно тврдеше дека е киднапирана. Ја баравме и во Охрид каде што имале стан. И тоа траеше до пет утрото“, изнесува во сведочењето Дејан Димовски, началник на единицата за насилен криминал во МВР .

Димовски во сведочењето наведува дека наредниот ден продолжиле да трагаaт по информациите дека  Вања има виртуелен дечко од Шведска, на чиј профил нашле знамиња на ИСИС и два, три дена го проверуваале човекот.

„Го кренавме алармот на највисоко. Ги мапиравме сите камери, но видовме дека има еден мртов агол од каде што не фаќа камера и заклучивме дека невозможно е Вања да излегла пешки од зградата, зашто кога ќе излезе веднаш ја фаќа камера. Па затоа почнавме да ги проверуваме возилата. Ние бевме убедени дека Вања сакала доброволно да го напушти домот, сакајќи ‘да ги казни’ родителите. Ова го заклучивме врз основа на профилот на семејството. Ниту на крај памет не ни падна дека може да е грабната“, кажа Димовски.

Началникот од МВР, Димовски вели дека паралелно се водела истрага за запаленото возило во Бразда и тогаш воопшто не знаеле дека можеби има некаква врска со случајот со Вања.

„Се пребаруваше и теренот при барањето на исчезнатиот велешанец. За сето време комунициравме со родителите на Вања, а Александар цело време ме брифираше со информации. Еден ден ми прати слики од возило, за кое рече дека е сомнително и да го провериме. Рече уште и дека има и едно комби да го видиме. Не кажа зошто е сомнително тоа возило. И нам не ни беше јасно. Но ми се јавија да ми кажат дека тоа возило е всушност велешкото возило, цитроенот.  Го идентификувавме и кангуто“, сведочи Димовски.

Дејан Димовски нагласува дека му било чудно што Александар му рекол дека му е драго што може да помогне, и им давал и информации. Таткото на Вања им рекол на инспекторите да проверат некои постари лица и потенцирал да проверат и во Велес.

„ ‘Кангуто’ го најдовме пред седиштето на (партијата) ‘Десна’. Сопственичката на возилото ни кажа дека живее на Исланд, дека е само формална сопственичка на возилото, и дека сопругот го дал возилото на ‘Десна’ на користење. По добивањето  налог за претрес, влеговме во партијата и Кешишев (еден од обвинетите) ни рече: ‘Кај сте, ве чекавме’. Побара адвокат, кој дојде и ни кажа дека пред два дена го однел Палевски во Белград, имал проблеми со кичмата. Адвокатот Васко ми кажа дека додека патувале, Палевски му зборувал дека го следи некое возило со велешки таблички. По претресот ги приведовме Кешишев и другите двајца што се затекнаа таму, и мислевме дека го решаваме случајот со Панче. Тогаш, немавме никаква поврзаност со случајот со Вања, иако ни беше чудно како цитроенот и кангуто поминале кај зградата на Вања“, наведува во сведочењето началникот Дејан Димовски.

Приведувањето било за сомнежи за предизвикување општа опасност поради запаленото возило „цитроен“.

„Во разговорот со Кешишев се гледаше дека човекот нешто крие и цело време споменуваше некој Веља од Велес. По проверките заклучивме дека зборува за Велибор Манев кој живее на иста улица со Панче, па побаравме од СВР Велес да го најдат Манев и да извршат претрес. Од тоа што ни кажаа колегите од Велес, Манев кога ги видел паднал во несвест зoшто го приведуваат, и го донесоа во Скопје“, сведочи Димовски.

Подоцна, во текот на сведочењето на денешното рочише за двојното убиство, началникот во МВР, Дејан Димовски, во детали опиша како стигнале до телото на девојчето Вања, а како другите екипи на МВР стигнале до телото на Панче.

„ ‘Јас не сум човек. И јас имам учество во ова’, ми рече Кешишев. Се кршеше човекот во себе. Па ни кажа дека нешто со Палчо оделе кај с.Бразда. Палевски му покажувал  дека таму сака нешто да гради. И се согласи некако да нè однесе каде што оделе со Палевски. Побаравме да каже конкретно зошто ги донел во Бразда. Како што одевме, колегата Дени кој ја водеше истрага за запалениот „цитроен“,  ми кажа каде сме. Кешишев тогаш на колегата Музафер му рекол дека ако каже, Палевски има врски во полиција, дека тие ќе му кажат и дека може да го убие. Но некако се согласи и отидовме на ридот. Не знаев уште што бараме. И пак ништо не дознавме. Продолживме да одиме и на две- три локации, без да зборува. Само со главата ни покажуваше дали да копаме на тие места“, наведува Димовски на сведочењето во Кривичен суд.

Началникот на единицата за насилен криминал, Дејан Димовски, вели дека кога го пронашле телото на Вања, освен што била врзана, навидум немало други траги на насилство.

„Кога го извадивме телото на Вања, девојчето беше како да е живо. Устата залепена,  нозете и рацете – врзани. Други траги на насилство не видовме. Во меѓувреме Велибор Манев на колегите им кажал и за другото убиство и им рекол дека ќе ги однесе во Велес“, сведочеше Димовски, во првиот дел од денешното рочиште на судењето за двојното убиство на Вања и Панче, извршено во ноември, 2023

Прашан како Вања се нашла токму на тоа место, Димовски рече дека Кешишев им кажал дека работеле по инструкции на Палевски.

По паузата, судењето во Кривичниот суд за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски продолжува со сведочења на други сведоци.

  Искра Опетческа

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ