Во однос на денешното сведочење на Дејан Димовски началник на секторот за крвни деликти во МВР, Туфегчиќ, рече дека „има прилично контроверзи во неговиот исказ“, и дека за тоа како одбрана ќе вложат приговор и по сослушувањето на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, до судот ќе предложат соочување со Димовски и со поранешниот заменик началник на СВР Скопје, Музафер Краишиќ кој сведочеше на претходното рочиште.
„На крајот можам да заклучам дека исказот на овој сведок е и како што самиот кажа, дека однесувањето на Александар му останало само на ниво на сомневање. Потврди дека не успеал да обезбеди ниту релевантен доказ кој би одел во насока да тој биде обвинет. Изнесе некои работи за кои јас не знам дали е спроведена постапка во таа насока, а тоа е денеска првпат дознаваме дека од еден од видеозаписите имало двајца луѓе вработени од „Комунална хигиена“ па не знам дали тие луѓе биле обезбедени, дали е направен обид да се стапи во контакт со нив, а тие луѓе биле во кривичниот момент кога со возилото како што опиша началникот биле пред зградата на улицата Наум Наумовски Борче“, ијзави Туфегчиќ.
Како што посочи Туфегчиќ, сведокот ја расчистил дилемата околу фамозниот пресечен кабел дека ресиверот е ставен на проверка, дека бил потполно чист и празен, дека немало никакви видео записи подолг временски период наназад.
Во однос на тоа дека Александар на 27 ноември два часа после грабнувањето на неговата ќерка бил забележан со неговото возило како се движи накај Качанички пат што всушност е во близина каде што ќе биде подоцна пронајдена и Вања, Туфегчиќ рече дека „Александар воопшто не крие ниту во момент се обидел да сокрие дека со возилото бил на неколку локации, не само према таа од Качанички пат“.
„Денеска дознавме дека тој со полицијата бил во возилото кога пристигнал сведокот Митре Лазаров. Денеска, самиот началник потврди дека еден од разговорите го водел на начин што кога го свртел телефонот на пропуштен позив се јавила Зорица. Значи и разговорот со Александар се водел во присуство на Зорица. Го спомна началникот прашањето односно еден од сомнежите тоа е една бришана порака за која воопшто не се утврди каква е пораката и со која содржина и за која ние како одбрана посочивме дека се работи за порака која е комуникација помеѓу Александар и една родителка на едно дете, која има име, која пројавила интерес и тоа е содржината на пораката „до каде се“ и „се прави ли нешто“, а Алаксандар одговора – „ништо, полицијата тврди дека Вања е избегана“. Понатаму дознавме нешто што мислам дека е ново и за родителите и шокантно за мене ова што го истакна началникот дека наводно Вања имала некаков обид заради кавга помеѓу родителите да се самоповреди и ова е за мене ново. Јас вакво сознание и информација навистина немам и ниту еден, ниту Александар па ниту Зорица такво нешто не истакнале“, појасни Туфегчиќ.
За снимките што Гоце и Александар ги доставиле на полицијата од возилото на Панче Жежовски пред воопшто тие да знаат дека Жежовски е убиен, тој појасни дека „фокусот на Александар и на Гоце кон возилото е во моментот кога од нивна пријателска врска од Сејф сити добиваат потврда дека помеѓу другото дека за ова возило е распишана потрага“.
„Па тоа е најголемата трагедија и де факто потврда на сето она што го тврдиме како одбрана од првиот момент е денешниот исказ на началникот дека постапувале без какви било правила за мерки и стандарди за постапување во ваков случај. Постапувале секој според некое свое наоѓање. Самите слушнавте дека отишле во една насока со истрагата, па после застанале, па тргнале во сосема друга насока и де факто ова што им го дале Александар и Гоце фактички е клучниот момент на поврзување на двата настани, а со цел и овозможување на откривање на двата случаи. Инаку, јас лично тврдам дека да не биле вклучени овие двајца луѓе ние и денеска ќе имавме состојба каде што Вања и Панче ќе се водеа за исчезнати и немаше да бидат пронајдени, во тоа сум сигурен“, изјави Туфегчиќ.
За неговиот клиент, според него, е многу нормално да се раководи од некои лични нагони и чувства и без некакви правила, односно според некои негови логични правила.
„Истото се однесува и на Гоце. Меѓутоа, они преземаат се по некои инерции и тоа не е спорно. Значи, снимките ги обезбедија тие и тоа не е спорно. Ги пратиле на денес сослушаниот началник и тоа не е спорно. Александар во ниеден момент не ја криел комуникација помеѓу него, Музафер и г. Дејан. Се што имал споделил со Зорица, денеска тоа го потврди и началникот дека во нејзино присуство се одвивал разговор. Понатаму, она истражување со лице од Шведска, значи се работи за дете кое има свое име и кое не сакам да прејудицирам живее во Шведска итн., а за него денес испитаниот сведок говори како да е тоа возрасен човек, па вика – чекавме и проверувавме дали има влез или излез во земјата итн., се работи за дете кое во тоа време имало 14 години“, изјави Туфегчиќ.
Претходно на судењето во Основниот кривичен суд Скопје, Димовски сведочеше дека Ѓорчевски, при истрагата за киднапирањето и убиството на својата ќерка се однесувал на начин што предизвикал сомнежи кај полицијата. Димовски, во своето сведочење откри дека Ѓорчевски не само што ја предвидувал судбината на девојчето, туку и се движел на места што полицијата ги следела како дел од истрагата.
„Го следевме и однесувањето на таткото. На 27-ми ноември, неговото возило го видовме како поминува покрај Александар Палас кон Качанички пат околу 9.15 часот, само еден час откако истото го сторило Рено Кангу, возилото на Палчо. Кога го прашавме зошто не продолжил, тој рече дека го фатила гужба во сообраќај,“ сведочеше Димовски.
Таткото не само што ги предвидувал настаните, како што сам истакнал, туку и веднаш тврдеше дека Вања е киднапирана, а потоа убиена. „Кога го прашавме зошто е толку сигурен, тој рече дека логично му било по филмовите што ги гледал, девојчето да биде однесено на граница,“ додаде Димовски.
Истражителите откриле и комуникација скрин шот во мобилниот телефон. Тоа било разговор со ќерка му вечерта пред киднапирањето, советувајќи ја за облеката за следниот ден, нагласувајќи дека ќе биде ладно.
Димовски, исто така, посочи дека други родители од училиштето, кои биле дел од заедничката група за комуникација, истакнале дека таткото пуштил порака во која пишувало: „Кажете само колку пари треба?“ Пораката била брзо избришана, но некои родители ја виделе.
Таткото на Вања, исто така, бил директно споменат од Велибор Манев и Боре Видевски, кои сведочеле дека тој му кажал на Палчо кога девојчето ќе биде сама, што ги вклучило овие информации во истрагата и ја проширило мрежата на осомничени.
А првообвинетиот Љупчо Палевски го праша началникот Димовски како полицијата утврдила само од кажување дека тој е организаторот на грабнувањата и убиствата, сведокот рече дека тие не тврделе ништо само утврдувале факти.
„Кога ги прашавте Велибор Манев и Боре Видевски – Како знаевте дека девојчето ќе биде само? И кога ќе излезе?, што ви одговорија?”, праша Палевски.
„Велибор и Боре ни кажаа: ‘Таткото на Вања му кажа на Палчо’”, одговори тој.
„Дали имавте конкретен доказ дека сме контактирале јас и таткото на Вања Александар освен тоа што ви го кажале Велибор и Боре?”, праша Палевски.
„Не”, одговори сведокот.
„Ги прашавте приведените кога е копана дупката за Вања?”, праша Палевски.
„Еднаш ни беше кажано тогаш, на 27 ноември 2023 година, еднаш претходниот ден”, одговори началникот.
„За грабнувањето на Панче, дали мене ме видовте на некоја од снимките?”, праша обвинетиот.
„Да”, му одговори началникот.