Орбан рече дека плановите на Трамп се во согласност со интересите на Унгарија. „Тој има многу јасна визија со која е тешко да не се согласите. Тој го вели следново: прво, нема да даде ни пени за руско-украинската војна. Затоа војната ќе заврши, бидејќи е очигледно дека Украина не може да застане на свои нозе“, рече унгарскиот премиер.
„Ако Американците не даваат пари и оружје заедно со Европејците, војната ќе заврши. А ако Американците не дадат пари, тогаш Европејците нема да можат сами да ја финансираат оваа војна. И тогаш исто така војната ќе заврши“, додаде тој. Според Орбан, САД повеќе не сакаат да ја финансираат безбедноста на Европа.
„Ако Европејците се плашат од Русите или ако генерално сакаат да имаат високо ниво на безбедност, тие мора да платат за тоа. Или со изградба на своја војска и своја опрема или, ако ги користат Американците за ова, со плаќање на цената на Американците, цената на безбедноста. Значи, тој (Трамп) зборува директно и јасно“, рече унгарскиот премиер.
Тој потсети дека Трамп е „првиот претседател по долго време што не почна војна за време на неговиот мандат“.
„Значи, веќе знаеме за него, веќе знаеме од неговото претседателствување, дека е човек на мирот“, посочи тој.
„И тој сега не ги крие своите ставови: јасно стави до знаење дека неговата цел е да донесе мир во руско-украинската војна. Ние сакаме прекин на огнот што е можно поскоро. Сакаме брз крај на оваа војна. Не гледам некој друг што има поголема решителност и сила за тоа од Доналд Трамп“, продолжи тој.
Орбан се сретна со Трамп на Флорида. Двајцата разговараа за „широк опсег на прашања што ги засегнуваат Унгарија и Соединетите Држави, вклучително и огромното значење на силните и сигурни граници за заштита на суверенитетот на секоја нација“.
Орбан по средбата повторно беше полн со пофалби за Трамп, нагласувајќи дека „светот би бил подобро место“ кога поранешниот американски претседател би се вратил на власт. Трамп, од друга страна, му упати комплименти на Орбан, нарекувајќи го „фантастичен лидер“. Средбата наиде на критики од актуелниот американски претседател Џо Бајден.