Стоилковски побара владата да го покаже делот од договорот и да објасни дали доколку не биде изменет Законот за работни односи во рок 45 дена од потпишувањето на договорот, рокот за завршување на проектот и секоја фаза поединечно ќе бидат продолжени за најмалку 6 месеци, дали дополнителни 53 милиони евра, еднократно ќе се додадат на месечната транша, и тоа во рок од 14 дена од последната дата односно 45 дена од потпишувањето, дали дополнителни 1 милион 265 илјади ева ќе се плаќаат секој месец до крај на проектот, како индиректни трошоци, кои инаку се договорени на под 3 милиони евра и дали дополнителни 900.000 евра ќе се плаќаат секој месец додека не се исполни условот, односно не се смени законот за 60 часа работна недела.
„Владата мора денеска да излезе во јавност и да каже, дали наведеното го пишува во договорот. Дали ова го пишува на страницата 427 од договорот? 83,5 милиони евра треба да се платат повеќе, за 5 години и најмалку 6 месеци одложување на проектот. Со еднократната од 53 милиони сега, цената вкупна расте за 136,5 милиони евра“, рече Стоилковски.
Пратеникот на СДСМ, Миле Талевски пак, обвини дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со невистини и спинови застанува против реализација проектот за изградба на автопатиштата долж коридорите 8 и 10д.
„Мицкоски не знае што е ниту градежништво ниту градба, тој е последен претставник на Црвената буржоазија. Мицкоски кариерата ја започнал кај својот татко на факултет, каде бил асистент токму кај својот родител, а потоа таму бил и вработен. Ништо сам во животот нема направено. Една шајка во животот нема заковано, освен онаа лажната во рекламен спот во 2020 година кога и ги загуби изборите. Мицкоски е последен што може да зборува за проекти, за градење и градежништво. Бидејќи почна да се промовира како шета по планини, Мицкоски може да биде аранжиран за планински туризам во Агенцијата за промоција на туризмот, но и за таму не го бива. Сѐ што ќе фатат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е погрешно и осудено на неуспех. Тоа најдобро се гледа со автопатот Кичево – Охрид, синоним за криминал и корупција, за провизии од тендери на штета на државата и граѓаните. Зарем треба да дозволиме нови паушални, скандалозни постапки и процеси на градби кои траат 10 години? Секако не. Хајката на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ против овој проект е политички мотивирана, во заложништво на проруската Левица“, изјави Талевски.