сабота, 19 октомври 2024

Одложено рочиштето за нападот врз Пендиков, секретар на згаснаснатиот бугарски клуб во Охрид

За денеска закажаното рочиште во судскиот предмет за тепањето на Христијан Пендиков, кој беше секретар на згаснатиот бугарски клуб Цар Борис Трети во Охрид, е одложено со образложение од одбраната на обвинетите, дека не го добиле текстот на обвинителниот акт против второобвинетото лице.

Објавено на

часот

Сподели

Во судницата беа присутни Пендиков, како оштетено лице, првообвинетиот во предметот Илија Спасески и за првпат и второобвинетиот Борче Ангелов од Битола.

Застапникот на двајцата обвинети, адвокатот Димитрија Цобоски, рече дека не му е позната содржината на обвинението за второобвинетиот.

„Обвинителот поднесе обвинение и против вториот обвинет во предметот. Мене не ми е позната содржината на тоа обвинение, не ми се познати доказите, добив покана само за предметот против првообвинетиот, така што потребно е време да се подготвиме и да ги провериме доказите и да ја подготвиме одбраната“, рече тој.

Судијата Бојан Мартиноски на денешното рочиште појасни дека за двајцата обвинети ќе се води една судска постапка, а дека околностите под кои се случила тепачката ќе се докажуваат на следните рочишта.

Основното јавно обвинителство од Судот побара на второобвинитетиот Ангелов да му се одземат пасошот и личната карта, за да не може да ја напушти државата.

Адвокатот Стефан Камишевски, застапник на оштетениот, немаше коментар на денешната одлука на Судот да го одложи денешното рочиштето, изразувајќи уверување дека веќе на следното рочиште ќе почне постапката со изведување на предложените докази, како на обвинителството така и на одбраната.

Следното рочиште од процесот е закажано за 1 декември.

Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19 јануари пред угостителски објект на Кејот на езерото во Охрид, кога тој беше претепан. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје, со тврдења од бугарска страна дека нападот бил поради антибугарски чувства. Пендиков официјална Софија го префрли на лекување во Бугарија, каде доби и бугарско државјанство кое му беше врачено од потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.

Според информации кои македонски медиуми ги објавија врз основа на дневните билтени на МВР, нападот врз Пендиков е можно да бил предизвикан поради нерасчистени сметки поврзани со дрога, а не врз национална основа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ