Освен жалба за притворот, одбраната на Ѓорчевски ќе бара и ОЈО да му објасни зошто неговиот клиент сѐ уште не е повикан на распит. Туфегџиќ е дециден дека од обвинителот ќе бара и информации како снимките на кои тврди е гласот на Ѓорчевски, стигнале во рацете на контроверзниот српски политичар Срѓан Ного.
„Како бранител до овој момент бев доволно трпелив и имав разбирање. Неколку пати го контактирав јавниот обвинител, меѓутоа до овој момент не добив одговор, ниту покана мојот клиент да даде исказ и да бидеме повикани во просториите на ОЈО за да се запознаеме со доказите поради кои има основано сомнение за негова инволвираност“, вели Туфегџиќ.
„Јас сум лично изненаден од објавувањето на тие материјали. Истражните органи ќе треба да дадат одговор како и на кој начин се креирани материјалите и како дошле до лицето што ги објавува. Во оваа прилика, јас можам да потврдам автентичност на оној аудиозапис каде што се слуша гласот на таткото, а надлежните истражни органи ќе треба да дадат одговор кој го креирал овој аудиоматеријал и како овој материјал е дојден до лицето што ги објавува“.
Од Обвинителството велат дека Ѓорчевски веќе дал исказ. И по нешто повеќе од еден месец од убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, за вештачењата на материјалните докази, за исказот на Ѓорчевски и што ќе се преземе во врска со објавените материјали на српскиот јутјуб-канал, велат дека во тек се истражни дејствија.
„Истражната постапка е во тек. Јавниот обвинител ги спроведува истражните дејствија онака како што налагаат доказите и потребите на постапката. Лицето за кое покажувате интерес даде свој исказ уште на почетокот на постапката. За разлика од останатите осомничени, тој ја негираше својата инволвираност и какви било сознанија за настанот. Што се однесува на објавените снимки, Јавното обвинителство веќе апелираше лицата што објавуваат вакви снимки да размислат за етичноста на објавите и за вознемирувањето што го предизвикуваат кај семејствата на жртвите“, велат од Основното јавно обвинителство Скопје.