петок, 6 декември 2024

Mицкоски и Вучиќ разговараа и за пругата Будимпешта-Белград-Скопје-Атина

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, се сретна со премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, јави дописникот на МИА од Белград.

Објавено на

часот

Сподели

„Со претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски за зајакнување на односите и заеднички иницијативи за постабилна иднина на нашите граѓани. Разговаравме за економски и инфраструктурни проекти, со посебен акцент на изградбата на пругата Будимпешта-Белград-Скопје-Атина-Пиреја која би ги поврзала јужна и централна Европа, како и за подобрување на трговската размена и соработка на полето на енергетиката“, се наведува на официјалниот Инстаграм профил на претседателот на Србија.

Тој посочува дека се согласиле оти солидарноста и меѓусебната поддршка се клучни за стабилноста и развојот на целиот регион.

„Особено сум благодарен за фактот што Северна Македонија е еден од клучните партнери во иницијативата Отворен Балкан, која стана симбол на силна регионална соработка и поврзување на Западен Балкан. Нашата заедничка цел е подобра иднина за сите граѓани, а соработката преку иницијативата Отворен Балкан и други проекти останува цврста основа врз која ја градиме иднината на целиот регион. Убеден сум дека ќе продолжиме да ги развиваме односите во духот на пријателството и партнерството“, наведува Вучиќ.

По средбата и на фејсбук-профилот на Мицкоски се објави неговата изјава: „Двете држави немаат отворени прашања, а односите се базираат на меѓусебно почитување и пријателство. Мора да создаваме мостови за економска и политичка соработка со сите соседи и да градиме иднина за нашите граѓани“.

Мицкоски е во дводневна посета на Србија по повод Меѓународниот саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“, а ќе има средба и со српскиот премиер Милош Вучевиќ.

„Овој настан е доказ за моќта на соработката, визијата и посветеноста што нашите земји ја имаат кон унапредувањето на економските врски, културната размена и туристичката промоција. Регионалната иницијатива создава можности што го поврзуваат нашиот регион со светот и токму оваа платформа е пример како традицијата и иновацијата можат да одат рака под рака“, порача попладнево премиерот Христијан Мицкоски, на отворањето на меѓународниот саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград.

Виното, посочи премиерот, како културно наследство на овој дел од Европа, е многу повеќе од производ – тоа е симбол на нашата историја, земја и труд, но и мост меѓу луѓето, градејќи разбирање и пријателства.

Горд сум што денес, овде во Белград, можеме да ги претставиме достигнувањата на македонската винска индустрија која без сомнение се вбројува помеѓу најразвиените во регионот. Македонија има повеќе од 28.000 хектари лозови насади, а годишно произведуваме околу 100 милиони литри вино, од кои речиси 70 проценти се извезуваат во над 40 земји низ светот. Нашите лозја, кои се простираат низ региони како Тиквеш, Повардарие и Пелагонија, се меѓу најсончевите во Европа, со над 270 сончеви денови годишно, што придонесува за квалитетот на грозјето. Особено сме горди на нашите автохтони сорти, како што се вранец и станушина, кои стануваат препознатливи брендови на меѓународната сцена, рече премиерот Мицкоски.

Тој потенцираше дека во споредба со соседните земји, Македонија се издвојува по балансот меѓу количината и квалитетот на произведеното вино.

„Според податоците, 50 проценти од произведеното македонско вино е со ознака за географско потекло, што ја истакнува нашата посветеност на врвниот квалитет. Дополнително, секторот за вино придонесува со 3 отсто од вкупниот БДП на земјата, обезбедувајќи работа за над 20.000 луѓе, од лозарите до винарите и извозниците. Со ова, Македонија станува водечки извозник на вино во регионот според бројот на литри по глава на жител“, рече Мицкоски.
Тој изрази надеж дека овој настан ќе ја зајакне нашата винска индустрија и ќе отвори нови пазари и можности за сите учесници.

Саемот „Wine Vision by Open Balkan“ не е само место за изложување и дегустација, туку и форум за дискусија, образование и соработка што ќе донесе долгорочни придобивки. Сигурен сум дека заедничкиот успех што ќе го споделиме овде ќе биде само почеток на уште поголеми достигнувања во иднина, дополни премиерот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ