недела, 20 октомври 2024

Обвинителството отвори истрага против 11 осомничени, незаконски урнале културно наследство (ВИДЕО)

По повеќемесечна предистражна постапка, денеска под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, единиците на МВР спроведоа акција при што се извршени претреси на повеќе локации во Градот Скопје. Во акцијата се одземени бројни материјални докази и приведени се девет осомничени лица, додека двајца им се недостапни на истражните органи, соопштија попладнево од Јавното обвинителство (ЈО).

Објавено на

часот

Сподели

Надлежен јавен обвинител, постапувајќи по кривичната пријава донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 11 лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривични дела злосторничко здружување и оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, а петмина од нив сториле и кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување. 

„Според наредбата четворицата првоосомничени во периодот од октомври 2022 до септември 2023 година создале група на која припадници станале останатите седум осомничени. Првоосомничениот како претседател на Одбор на директори на акционерско друштво, со намера за себе и за останатите членови на групата да прибави противправна имотна корист, не ги извршил своите службени овластувања определени во Статутот на друштвото и предизвикал штета на Буџетот од значителна вредност. Тој, иако знаел дека хотел Шар Ан, што се наоѓа во склоп на Старата скопска чаршија, претставува културно наследство и е дел од заштитена споменичка целина и не може да биде предмет на продажба, не ги презел своите законски овластувања за заштита на објектот, туку побарал од дел од припадниците на групата да извршат негово противправно уривање и уништување. Во периодот од октомври и ноември 2022 година четворица припадници на групата како градежни работници без да поседуваат документација за дозволеност за преземање на дејствија за уривање, употребувајќи механизација извршиле противправно уништување на автентичниот објект, хотел Шар Ан. Во исто време двајца од организаторите и еден припадник на групата во својство на службени лица чија службена должност е преземање на мерки за заштита на недвижните културни наследства, иако знаеле за насилното уништување на автентичниот објект, дозволиле негово целосно уништување и не презеле ниту едно дејствие со кое ќе го запрат или спречат незаконското уривање на објектот од културно наследство“, информираа од ЈО.

Според сомневањата, второосомничениот како еден од организаторите на групата во текот на целиот период на уривање бил запознаен и се согласил со преземањето на противзаконските дејствија, од кои требало да оствари директна корист. Тој, до Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) поднел пријава за запишување на промена, бришење на урнат објект, па кон пријавата приложил Изјава за правна заинтересираност за купопродажба на катастарска парцела и Геодетски елаборат. Геодетскиот елаборат бил изработен од фирма, сопственост на сопруга на еден од осомничените – поранешен заменик директор на АКН на кој му биле познати законските постапки за вршење на упис и промени во катастарската евиденција и кој презел низа дејствија давајќи конкретни насоки и обезбедувајќи услови за извршување на промената во катастарската евиденција.

„Припадникот на групата во својство на службено лице пречекорувајќи ги границите на своите службени овластувања презел службено дејствие и спровел постапка за упис на промена на културата на катастарска парцела од градежно изградено во градежно неизградено земјиште, без постоење на правен основ за вршење на промена и без да обезбеди стручен наод од правната служба на АКН. Воедно, ги избришал податоците од графата за право на стопанисување со недвижноста во корист на претпријатието за стопанисување со станбен и деловен простор (АДССДП) овозможувајќи му на второосомничениот да го искористи наводниот правен интерес за купопродажба на предметната парцела на која се наоѓал уништениот објект – културно наследство од непроценлива вредност и со чие насилно уништување е предизвикана штета на државата во износ од значителна вредност од 180 милиони денари“, информираа од ЈО.

Осомничените во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје.

Споменичката целина Стара скопска чаршија е настаната во периодот од 15 до 20 век врз урбана структура што потекнува од 11 век. Како културно наследство од особено големо значење е добро од општ интерес и ужива посебна заштита со Законот за прогласување на Старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење, Законот за заштита на културното наследство и други закони. Прогласувањето на споменичката целина Старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење подразбира трајно зачувување на историските, уметничките, архитектонските, урбанистичките, амбиенталните, етнолошките, социолошките и другите научни и културни вредности, како и автентичноста, единственоста, разновидноста, интегралноста, староста и други својства, содржини и функции и спречување на дејствија, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување или деградирање. За објектите во рамките на чаршијата кои припаѓаат на целината прогласена за културно наследство може да се овозможи само реставрација со обезбедени заштитно конзерваторски услови, но не и уривање и уништување.

МКД.мк лани во декември објави дека објектот„Шар“ во скопската чаршија кој е заштитен споменик на културата е урнат. 

Со соопштение од аспект на полициската акција се огласи и Министерството за внатрешни работи од каде е објавено и кус видео-запис од приведувањата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ