недела, 20 октомври 2024

Обвинетите за Ласкарци постапиле безобѕирно, штетните последици можеле да ги спречат, рече обвинителот Јакимовски

Јавниот обвинител Дарко Јакимовски денеска во завршен збор побара најстрога казна за обвинетите во случајот со несреќата кај Ласкарци. Според него, кај сите обвинети постоела безобѕирност во постапувањето и било прашање на време само по која основа, како што рече „хаосот на работењето да резултира со вакви или слични последици“. Полномошниците на оштетените семејства се согласија со завршниот збор на јавниот обвинител, побараа осудителна пресуда и исплата на трошоците, а најавија дека оштета ќе бараат и во граѓанска постапка.

Објавено на

часот

Сподели

На почетокот од воведните зборови, обвинителот Јакимовски нагласи дека несреќата има своја генеза, развој и епилог и претставува акумулација на голем број пропусти. 

„Постои цел корпус на безбедносни задолженија и обврски кои овие обвинети во континуитет не ги почитувале. Останува само овие пропусти да бидат казнети“, рече тој.

Според него, сите вештаци на кои обвинителството ги темелело доказите, во ниту еден момент не калкулирале со доказите, а во другите вештачења, како што рече, се само препишани пресметките.

„Ниту еден факт не е доведен под сомнение од одбраната на начин познат и признат од сообраќајната наука“, рече обвинителот.

Тој даде осврт и на одбраната на обвинетите, при што, како што рече „никој од одбраната не негира дека нема вина“.

„Но, според одбраната на секој обвинет во оваа несреќа, одговорноста за сите пропусти ја префрла на некој друг“, рече обвинителот.

Јакимовски посочи дека доколку се анализира одбраната на првите петмина осомничени, се добива впечаток дека сѐ зависело од шестоосомничениот, возачот на автобусот.

„Ако, пак, се проучи одбраната на шестообвинетиот, се покажа како во автобусот воопшто да немало возач“, рече обвинителот.

Затоа, нагласи Јакимовски, вина за оваа сообраќајна несреќа имаат сите обвинети.

Тој уште истакна дека изведените докази, надвор од разумен сомнеж покажуваат дека дејствијата на сите обвинети се во директна врска со последицата која резултираше со 16 загинати луѓе.

Обвинителот потенцираше дека кај сите обвинети постоела безобѕирност во постапувањето.

„Било прашање на време, само по која основа, хаосот на работењето да резултира со вакви или слични последици“, рече обвинителот.

Според него, сите имале правна должност да спречат да не дојде до оваа последица и посочи дека смета дека не се работи за лекомисленост бидејќи, како што рече, штетните последици можеле да ги спречат.

„Предлагам обвинетите најстрого да бидат санкционирани за делата кои им се стават на товар. Станува збор за особено тешки последици, некои од оштетените ќе живеат со тие трауми цел живот, посочи обвинителот.

Тој рече дека постои исклучителен степен на одговорност кај секој од обвинетите, нивното однесување по стореното дело го оцени како незанемарливо, а односот на обвинетите во текот на постапката рече дека е респектабилен.

„Потребно е да одмерите на секому според заслуженото, водејќи сметка за својствата што ги имале при работењето“, нагласи Јакимовски.

Побара на сите обвинети да им се забрани вршење на професија.

„На обвинетите не смее да им се дозволи во иднина да се бават со вакви работи. Да им изречете забрана за вршење професија и да не оставите никој од нив да има допир со сообраќајот од кој било аспект“, рече обвинителот.

Обвинителот  Јакимовски истакна дека очекува вистинско правораздавање, како што рече, не само затоа што доказите тоа го докажуваат, туку затоа што жртвите, оштетените, граѓаните и сите во постапката тоа го заслужуваат.

Полномошниците на оштетените семејства се согласија со завршниот збор на јавниот обвинител, побараа осудителна пресуда и исплата на трошоците, а најавија дека оштета ќе бараат и во граѓанска постапка..

Постапката продолжува со завршни зборови на одбраната на обвинетите.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата Дурмо турс, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Според Кривичниот законик, за кој се товарат обвинетите, казната затвор изнесува најмалку четири години. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ