четврток, 24 октомври 2024

Њујорк тајмс: Украинските сили се раштркани и погрешно распоредени

Објавено на

часот

Сподели

Украинската војска се мачи да ја пробие вкопаната руска одбрана во голем дел и затоа што премногу нејзини војници, вклучително и некои од нејзините најдобри борбени единици, се на погрешни места, објави Њујорк тајмс, цитирајќи неименувани американски и други западни претставници.

Тие велат дека главната цел на контраофанзивата треба да биде прекинување на руските линии за снабдување во јужна Украина, со сосекување на т.н. земјен мост меѓу Русија и окупираниот Крим. Но наместо да се фокусираат на тоа, велат официјалните претставници, украинските команданти подеднакво ги поделиле трупите меѓу истокот и југот.

Како резултат на тоа, повеќе украински војници се лоцирани во близина на Бахмут и други градови на истокот отколку во близина на Мелитопол и Запорожје на југ, кои се стратегиски поважни.

Американските стратези ѝ советувале на Украина да се концентрира на пробив кон Мелитопол, главниот приоритет на Киев, и да удри преку руските мински полиња и другите одбранбени зони, дури и ако Украинците изгубат повеќе војници и опрема во тој процес.

Еден од неименуваните функционери забележува дека темпото на контраофанзивата може да се смени само со драматична промена на тактиката.

Друг соговорник на американскиот весник истакнува дека Украинците се премногу раштркани и дека треба на едно место да ја консолидираат својата борбена моќ.

Американските власти велат дека постојат знаци дека Украина почнала да преместува дел од своите поискусни борбени трупи од исток кон југ, но дури и најискусните единици биле неколку пати преструктурирани откако претрпеле големи жртви. Овие единици сега се потпираат на сè помалиот број високи команданти, додека некои единици главно се екипирани со војници што се ранети и вратени во борба, рекоа неименуваните официјални лица.

Борбите се водат на претежно рамен, суров терен, што е во прилог на бранителите. Русите се борат од скриени позиции што украинските војници често ги гледаат дури кога се на неколку метри од нив. Неколку часа откако Украинците ќе исчистат некое поле од мини, Русите понекогаш истрелуваат уште една ракета што распоредува уште мини на истата локација.

Според американската воена доктрина, главната цел секогаш е да се осигури дека максимални ресурси одат на еден единствен фронт, дури и ако во други области се борат помошни сили за да се заштитат од неуспех или да ја растегнат непријателската одбрана.

Но Украина и Русија се борат според старата советска комунистичка доктрина, вели Њујорк тајмс, која се стреми да ги минимизира ривалствата меѓу фракциите на армијата преку обезбедување еднакви количества работна сила и опрема низ командите. И двете армии не успеаја да постават приоритети на своите најважни цели, велат официјалните лица.

Постојаниот фокус на Украина на Бахмут, сцената на една од најкрвавите битки во војната, ги збунува американските разузнавачки и воени претставници. Украина инвестираше огромни количества ресурси во одбраната на околниот регион Донбас, а претседателот на Украина, Володимир Зеленски, не сака да изгледа како да се откажува од обидот да ја врати загубената територија. Но американските функционери велат дека политиката мора, барем привремено, да дојде во втор план и да превладее воената стратегија.

Американските стратези велат дека задржувањето мала сила во близина на уништениот град е оправдано за руските војници да се приковаат и да се спречат да го користат како база за напад. Но Украина таму има доволно војници за да се обиде да си ја врати областа, потег за кој американските власти велат дека ќе доведе до голем број загуби за мала стратегиска добивка.

Американските власти им рекле на украинските лидери дека можат да ја обезбедат територијата околу Бахмут со многу помалку војници и дека треба да ги прераспределат силите на цели на југ.

Американските власти велат дека Украина има уште еден месец до шест недели пред врнежливите услови да принудат на пауза во контраофанзивата. Веќе во август, Украина одложи најмалку еден напад поради дожд.

Американските власти велат дека не веруваат дека контраофанзивата е осудена на неуспех, но признаваат дека Украинците не го постигнале успехот на кој тие или нивните сојузници се надевале кога почна контраофанзивата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ