Ова второ изменето и дополнето издание на „Скопски разговори“, за разлика од првото кое излезе во 2021 година и кое содржи 20 интервјуа, е дополнето со седум интервјуа реализирани во периодот од 13 декември 2021 година до 6 април 2024 година во рамките на редовните програми „Актуелно“ и „Радио спектар“ на Македонското радио – Радио Скопје. Интервјуата во првото издание беа реализирани во периодот од март 2018 до август 2020 година, во периодот кога Милан Јазбец беше шести амбасадор на Република Словенија во Република Македонија/Република Северна Македонија, односно во еден од несомнено најинтензивните периоди во македонската внатрешна и надворешна политика, исполнет со многу предизвици и искушенија како на внатрешно-политички, така и на меѓународен план, чија главна карактеристика беше интензивирањето на македонските евро и евроатлантски интегративни процеси, кои во март 2020 година резултираа со полноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО-сојузот. Амбасадорот Јазбец не само што беше непосреден сведок, туку и активен учесник во некои од тие историски процеси, па затоа со полно право може да се каже дека „Скопски разговори“ се и своевидно сведоштво, па дури и беседа на еден странски амбасадор (во случајот словенечки) за промените во македонската надворешна политика, за развојот на македонско-словенечките односи, за активностите на словенечката амбасада и, во тие рамки, и за самата негова работа како амбасадор на пријателска Словенија.
Дел од интервјуата се посветени и на литературното творештво на Милан Јазбец и на неговата активност како промотор на т.н. културна дипломатија и на развојот на македонско–словенечките културни врски, за што најдобро говорат престижното Почесно Рациново признание за афирмација на македонската култура и јазик во странство за 2019 година и македонските изданија на неговите дела „Мартин Крпан – дипломат и воин“, „Виножитото зад душата“ и „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“.
Новите седум интервјуа, пак, беа реализирани за време на честите посети на амбасадорот Јазбец на Македонија по неговиот амбасадорски мандат и се посветени на словенечко-македонските односи и особено на словенечко-македонските дипломатски односи, македонските напори за членство во Европската Унија, актуелните геостратегиски и геополитички односи во светот, со посебен акцент на војната во Украина и состојбите во Европа, како и на стогодишнината од раѓањето на основоположникот на современата македонска култура Блаже Конески, шеесетгодишнината од трагичната смрт на првата македонска поетеса Даница Ручигај и на литературното творештво на Милан Јазбец.
Ова издание на „Скопски разговори“ авторите, во знак на огромна благодарност и вечен спомен, ѝ го посветуваат на нивната колешка Искра Чоловиќ (1960-2023) – доајен на македонското радио-спикерство, новинар и познат и признат македонски публицист, која беше главен иницијатор како за првото, така и за ова издание, чие излегување, за жал, не го дочека.
Рецензенти на ова издание на „Скопски разговори“ се универзитетските професори Трајан Гоцевски и Цане Т. Мојаноски, Маја Ковач – словенечка македонистка и Марјан Шифтар – словенечки амбасадор во Република Македонија во периодот од 2003 до 2007 година.
Имајќи го предвид сето ова, несомнено е дека книгата „Скопски разговори“ на Свето Стаменов и Милан Јазбец претставува драгоцен документ – хроника на еден од најзначајните периоди во тридецениското постоење на Македонија како независна и суверена држава, членка на ООН, полноправна членка на НАТО и земја – кандидат за членство во Европската Унија, но истовремено и своевидно мементо на една извонредна журналистичка соработка и на преку неа развиено искрено пријателство.