четврток, 21 ноември 2024

Нова студија покажува како примитивниот живот преживеал на „снежната Земја“

Објавено на

часот

Сподели

Животот некако успеал да опстане во тоа време, а едно ново истражување дава подлабок увид во причините за тоа.

Фосили идентификувани како алги откопани од црни шкрилци во централната кинеска провинција Хубеи покажуваат дека морските средини погодни за живот во тоа време биле пораспространети отколку што досега се мислеше, објавија научниците. Наодите ја поткрепуваат идејата дека тогаш таа повеќе била „раскашавена Земја“ отколку „снежна Земја“, на која најраните форми на сложен живот – основните повеќеклеточни организми – опстојувале дури и во средните географски широчини за кои претходно се мислеше дека биле комплетно замрзнати.

Фосилите потекнуваат од втората од двете најстари ледени доби, кога од половите до екваторот се протегале огромни ледени плочи. Тој интервал, наречен Мариноанска ледена доба, траел од пред околу 651 до пред 635 милиони години.

„Клучното откритие на оваа студија е дека условите на отворена вода – без мраз – постоеле во океанските региони на средна географска ширина за време на последната фаза од Мариноанската ледена доба“, рече геобиологот Хујуе Сонг од Кинескиот универзитет за геонауки, главен автор на студијата објавена во списанието Нејчр комјуникејшнс.

д

„Нашето истражување покажува дека, барем кон крајот на тој интервал, областите погодни за живеење се прошириле во океаните на средна географска ширина, многу повеќе отколку што се мислеше. Претходните истражувања тврдеа дека такви области погодни за живот постоеле, во најдобар случај, само во тропските региони на океанот“.

„Поголемите населиви области на океанот подобро објаснуваат каде и како преживеале сложените организми како повеќеклеточните морски алги“, додаде Сонг.

Откритијата на научниците покажуваат дека светските океани не биле целосно замрзнати и дека постоеле населиви „засолништа“ каде што повеќеклеточните еукариотски организми би можеле да преживеат, вели Сонг.

д

Земјата настанала пред приближно 4,5 милијарди години.

Првите едноклеточни организми настанале во текот на приближно првите милијарда години од постоењето на планетата.

Повеќеклеточните организми се појавиле подоцна, можеби пред две милијарди години.

Но дури по ледената доба се вратиле потоплите услови, отворајќи го патот за брзо ширење на различни форми на живот пред околу 540 милиони години.

Научниците се обидуваат подобро да го разберат почетокот на „Снежната Земја“, вели Ројтерс. Тие веруваат дека до површината на планетата доаѓало значително намалено количество сончева топлина додека сончевите зраци се одбивале од белите ледени покривки.

„Широко се верува дека нивоата на јаглерод диоксид во атмосферата паднале непосредно пред овие настани, предизвикувајќи проширување на поларната ледена покривка и оттука повеќе сончеви зраци се одбивале назад во вселената, а поларната ледена покривка уште повеќе се проширила“, рече геобиологот и коавтор на студијата од Вирџинија тек, Шухаи Сиао.

Во црните шкрилци биле идентификувани алги и фосили на некои други повеќеклеточни организми. Оваа алга – рудиментирано растение – e фотосинтетички организам што живее на морското дно во плитка морска средина осветлена од сончева светлина.

„Фосилите беа зачувани како компресирани листови од органски јаглерод“, рече палеонтологот и коавтор на студијата Чин Је од кинескиот Универзитет за геонаука.

Повеќеклеточните организми како црвените алги, зелените алги и габите се појавиле пред криогенот и ја преживеале „Снежната Земја“.

Криогенското замрзнување било многу полошо од последната ледена доба, која ја преживеале луѓето, а завршила пред околу 10.000 години.

„Во споредба со најновата ледена доба, покриеноста со глечери била многу пообемна и што е уште поважно, голем дел од океанот бил замрзнат“, рече Сијао.

„Треба да се каже дека настаните ‘снежна Земја’ биле значајни предизвици за животот на Земјата“, додаде Сијао. „Може да се замисли дека овие настани ‘снежна Земја’ би можеле да предизвикаат големи истребувања, но очигледно животот, вклучително и сложените еукариотски организми, успеале да преживеат, што сведочи за отпорноста на биосферата“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ