На средбата се разговараше за финансиската подршка за реализација на капиталните проекти со посебен фокус на изградба на автопатот Скопје – Блаце, изградба на брза пруга на коридор 10 како и доизградба на пругата на коридор 8.
Вицепремиерот и министер за транспорт Николоски ја потенцираше решителноста на Владата за реализација на овие проекти и нагласи дека од големо значење е вклученоста на ЕБОР во подобрување и рационализација на проектите на ниво на изводливост се со цел утврдување на најсоодветните варијанти за нивна изградба.
На средбата, исто така се разговараше и за динамиката за изградба на проектите, при што министерот Николоски истакна дека во перидот што следи, Владата ќе ги забрза постапките за реализација.
“Денешната средба со ЕБОР беше конструктивна и во насока на изнаоѓање заеднички решенија се со цел да изградиме квалитетен автопат, притоа тој да биде со реални цени, а не како што претходно било планирано и секако да нема штета по буџетот и граѓаните. Работната група работи на изнаоѓање на нова траса и очекувам во скоро време да имаме нова траса поевтина од претходно понудената“, истакна министерот Николоски по средбата.
Министерот Николоски додаде дека Македонија е силно посветена на регионалното поврзување и економскиот развој и во таа насока има силна волја во завршување на крупните инфраструктурни проекти.