четврток, 12 септември 2024

Наташа Поповиќ поднесе оставка на функцијата директорка на Охридско лето

Директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, денеска до Министерството за култура и туризам достави  неотповиклива оставка. Во оставката што му беше врачена лично на министерот Зоран Љутков се наведува дека одлуката ја донела поради лични причини.

Објавено на

часот

Сподели

Поповиќ раководеше со најзначајната музичко-сценска манифестација изминативе шест години во кои се реализира квалитетна уметничка програма со светски и домашни уметници кои оставија белег во богатата фестивалска програма.

Во нејзин мандат Фестивалот „Охридско лето“ одбележа значаен јубилеј-60 години од постоењето во време на пандемијата со коронавирусот. Се реализира квалитетна програма со учество на домашни и странски уметници, но и со почитување на мерките и препораките за заштита на публиката и учесниците кога сите културни манифестации беа откажани.

Поповиќ пред оставката кажа дека е горда на сработеното, на квалитетната програма богата со бројни звучни имиња. Заблагодарувајќи се на вработените кажа дека е горда што имала прилика да работи со посветен и професионален тим кој се справува со сите предизвици.

„Посебно сум горда за високиот квалитет на програмата и успешните шест фестивалски изданија кои се позитивно оценети од стручната критика, од делегатите на Европската асоцијација на фестивали (ЕФА) кои  беа тука на свечените отварања на Фестивалот, но и од нашата верна публика. Ми беше огромна чест и задоволство да работам на оваа функција со еден прекрасен тим којшто многу ми помогна за да бидам успешен директор и менаџер, тим кој е за пример и почит, не само во Охрид, туку и пошироко во државата, но и со селекторките на музичката и на драмската програма на фестивалот, Бисера Чадловска и Сања Арсовска“, вели Поповиќ.

Таа најави дека професионалната кариера ќе ја продолжи во културата, во уметноста која е и нејзина професија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ